Денес е спомен на Светиот свештеномаченик Харалампиј: Чувар од болести

ИЗВОРСкопје24
|

Македонската православна црква на денешен ден го одбележува споменот на Светиот свештеномаченик Харалампиј, празник попознат и’ како Чуминден…

Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера. Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. Незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го истругавте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина.

Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Свети Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови. „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и кр в, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година.

Празникот Свети свештеномаченик Харалампиј народот го вика Чуминден. Поврзан е со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува со чумата зошто таа се смета за најопасна болест. Народот верувал дека тој е пазител од чумата која ја соборил и победил, а тоа бил ѓаолот .