Денес го славам своето трето раѓање: Нина Јанева прозборе за двете тешки незгоди

loading...

Пејачката Нина Јанева вели денеска го слави своето трето раѓање. Пред четири години на денешен ден, таа доживеала незгода, откако кај пријателка на свадба, изгубила свест, паднала од сцената и удрила со главата во бетон.

Нина вели дека првиот роденден го слави на 19 јуни, денот кога е родена, вториот на 12 февруари, кога доживеала тешка несреќа на скијање во Банско, и денешниот ден како трет.

„Ова беше несреќа која што за 5-6 милиметри не заврши фатално, туку само со скршеници и со операција“.

„ На мојата блиска другарка на свадба, сакав да ѝ ја испеам „Бато“ од Калиопи, како изненадување. Се качив на сцената во ресторанот, која е висока еден ипол метар. Песната заврши, и последно нешто на кое што се сеќавам е како губам свест и паѓам надолу од сцената. Со главата удрив во бетонот. Во левата рака го држев микрофонот и додека сум паѓала , сум се удрила со него по носот. Сега велам дека сум среќна што не било окото“,  раскажува Нина.

Пејачката која важи за еден од нашите најквалитетни вокали, вели дека од силниот удар, имала повреди на целото тело и ѝ требало околу три недели повторно да застане на нозе. „Здрава ми беше само десната нога“, додава Нина. Кога ги направила сите испитувања, лекарите ѝ рекле дека е здрава, но веројатно ѝ се доближиле притисоците поради високите температури и заморот.

„ Ова беше несреќа која што за 5-6 милиметри не заврши фатално, туку само со скршеници и со операција. Пак ќе им се заблагодарам на вработените во Брза Помош, Ургентен Центар и клиника за ОРЛ“, вели Нина. По четири години, таа вели дека е сѐ уште изненадена од Управата за хидрометеоролошки работи, каде што работеше тогаш.

„ По 15 години работа во земјава, од УХМР ми рекоа дека здравственото осигурување нема да ми ги покрие трошоците за операцијата, и оти треба да си ја платам сама, затоа што повредата не се случила на работното место“, ни изјави Нина.

Во приказната, таа се наврати и несреќата од Банско, која се случила во 2001 година кога имала 15 години. „Бевме на скијање со моите, и со татко ми бевме на стаза како и секој ден. Несреќа е што ни се погоди една многу замрзната патека. Јас се лизнав, паднав од скиите и летнав во провалија. Паѓав околу 20-30 метри надолу, и имав среќа што се закачив на една гранка. Не ме болеше падот толку колку тоа што не можев да скијам наредните денови. Завршив со потрес на мозокот“, ни ја раскажа својата приказна Нина, која лани се сврши со Александар Николовски.

„ Не сакам класична свадба, наместо турбофолк ќе слушаме хип-хоп“ , изјави Нина во претходно интервју за Женски магазин.

Извор: Женски магазин