Денеска се спомен на Светите седум свештомаченици Херсониски: „Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен!“

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 март.

Светите Седум Херсонски свештеномаченици: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон.

Сите овие беа епископи во Херсон во разни времиња и сите пострадаа (само Етериј умре мирно) од неверниците, било од Евреите било од Грците или од Скитите. Овие епископи одеа во тие диви краишта како мисионери за да ја пренесат евангелската светлина. Сите беа намачени и пострадаа за својот Господ. Василиј го воскресна синот на еден кнез во Херсон, што ги огорчи Евреите, па го обвинија. Го врзаа за нозете и го влечеа по херсонските улици дури не ја испушти душата. Ефрем го убија со меч. Евгениј, Елпидиј и Агатодор ги биеја со стапови и со камења, сè дури не Му ги предадоа своите души на Бога.

Етериј поживеа во времето на Константин Велики, па во мир и слобода управуваше со Црквата, изгради голем храм во Херсон и се упокои мирно. Кога последниот од нив, Капитон, го испратија за епископ во Херсон, дивите Скити од него побараа знак за да поверуваат. И му предложија да влезе во огнена печка, па ако не изгори тие сите ќе поверуваат во Христа.

Со топла молитва и со надеж во Бога Капитон го положи архиерејскиот омофор на себе, се прекрсти и влезе во вжарената печка држејќи го умот во срцето воздигнат кон Бога. И во пламенот постоја околу еден час без никаква повреда на телото и на облеката, па излезе оттаму здрав. Тогаш сите повикаа: „Еден е Бог, Бог на христијаните, велик и силен, Кој го сочува слугата Свој во огнената печка!“ И се крсти сиот град и околината.

За ова чудо многу се зборуваше на Никејскиот Собор. И сите Го прославија Бога и ја пофалија цврстата вера на свети Капитон. А на Капитон му се случи по патот да го фатат на реката Дњепар незнабожечки Скити и во реката го удавија. Овие епископи пострадаа во почетокот на 4 век.

Преподобен Емилијан Италиски

Се роди во Рим, а во младоста изврши многубројни и тешки гревови. Но, кога се отрезни од грешењето и си дојде на себеси, трепереше од самата помисла за Судот Божји. Стапи во еден манастир, и со пост, бдение и послушание го скроти и го исуши своето тело. Им беше пример на браќата. Ноќе често излегуваше од манастирот и одеше во една блиска пештера на молитва.

Бидејќи не знаеше каде оди монахот, игуменот на манастирот една ноќ тајно тргна по него. И таа ноќ тој го виде Емилијан како стои на молитва со страв и во солзи. Одеднаш целата таа гора ја облеа небесна светлина посилна од сонцето, а најсилна беше во пештерата на Емилијан.

А од небото се слушна глас: „Емилијан, ти се простуваат гревовите!“ Игуменот се исполни со ужас и се врати во манастирот. Утредента им објави на браќата за она што го виде и чу минатата ноќ. Емилијан поживеа долго и мирно, во голема почит меѓу браќата, па се упокои во Господа.