Денеска е Св. свештеномаченик Дионисиј Ареопагит

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 октомври. Денеска е Св. свештеномаченик Дионисиј Ареопагит.


Свети Дионисиј Ареопагит е родум од Атина и се спомнува во Делата Апостолски како еден од малкумината што поверуваа на проповедта на апостол Павле во Атина. За него е познато дека бил философ, а истовремено и член на највисокиот атински суд, Ареопагот, од каде и му остана името Ареопагит. Тој е и првиот атински епископ. Подоцна отишол во Галија и обратил многу од тамошните незнабошци во Христовата вера. Таму и загинал маченички, во прогонствата за време на Дометијан, кон крајот на првиот век по Христа.

Со неговото име долго време се врзуваше значајниот пишан паметник Корпус Ареопагитикум, за кој денес со сигурност е утврдено дека потекнува од подоцнежно време.

Католички календар: денеска е Св. Маргарета Марија Алакокуе.

Живеела во 17 век во Франција и била калуѓерка. Имала мистични предвидувања. Во едно од нив и се појавил Исус, со срцето во пламен, надвор од телото, при што и рекол : „Види го ова срце што толку ги сакаше луѓето, да ги ослободи од гревот, а тие и понатаму грешат и тоа го навредува моето срце”. Христос рекол дека сака луѓето да му се молат на Срцето Христово за простување на гревовите и да се воведе празник Срце Христово. Многу цркви му се посветени на овој празник. Пред кипот кој се наоѓа во скопската катедрала се молела некогаш и Мајка Тереза и тука ја измолила силата да им помага на болните.
денешен.мк