Денеска се празнува Мала Богородица- заштитничка на жените

ИЗВОРскопје24
|

Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица) е еден од најголемите празници на православната црква.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи. Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови.

Така, македонскиот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери. Така на пр. во Разлошко како што запишал М. Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“ Откако, пак, жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.

Исто така се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал Миленко С. Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.

Во народното сфаќање, односно во народните верувања, оваа врска на Богородица со нејзиниот син, односно нејзиното мајчинство се смета за света работа. „Ако на запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш бил Нејзиниот образ како дева, девственоста, која не била нарушена од мајчинството, за православниот Исток таквата негова срдечна љубов кон Марија, Нејзиното созерцание и ‒ ќе повторам уште еднаш ‒ радосниот восхит од погледот кон Неа, од самиот почеток бил и останува нејзиното мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.“

Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Стефан Тановиќ сведочи дека во Гевгелиско празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела.

Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица којашто тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон ѝ носеле една литургија. Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее. Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

На Мала Богородица, исто така, се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, во Осоговскиот манастир итн.