Димитар Тасевски – Мики човекот кој успеа да го донесе Миконос во Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Димитар Мики Тасевски млад и урбан лик, добро познато лице во градот, човекот кој ги помести границите во ноќниот живот во Скопје со право го сместивме во категоријата Скопски лик на годината. Епитетот го доби оправдано со оглед на тоа што ја имаше моќта, буквално, Миконос да го донесе во Скопје. Како сопственик на локалот Intermezzo Privé на единствен и уникатен начин придонесе Скопје да го видиме во едно поинакво светло, а ноќниот живот доби една сосема нова димензија, која одамна сме ја заборавиле.

Скопјани во изминативе неколку недели имаа прилика да ги видат одблизу и да уживаат во музиката на врвни светски имиња. Проектот наречен Intermezzo Music Rituals опфаќа незаборавни журки со врвни артисти, меѓу кои CHRIS IDH, Lannka, Derun Music, Elfenberg и Valeron чии настап е закажан за утре (04.10.2019). Проектот придонесе да излеземе од онаа стандардна шема која досега ја имавме во ноќниот живот во градот и да видиме и слушнеме одблизу врвни артисти кои без сомнение ќе сакаме да ги видиме и слушаме повторно. Целата идеја која тимот на Интермецо ја преточи во случување всушност им овозможува на скопјани да слушнат добри артисти во бар, без да плаќаат влезница, едноставно можете да влезете да се напиете пијалок, а омилениот артист да биде до Вас.

Екипата на Скопје24 разговараше со човекот кој барем на кратко успеа да го врати стариот сјај на ноќниот живот во Скопје , а тој ни раскажа како заедно со неговиот успешен тим дојдоа токму до оваа идеја, за тоа каков е ноќниот живот денес во споредба со минатото, што е она што беше пресудно за да се одлучат на вакви промени, а ни открија и што може да очекуваме во иднина од Intermezzo Privé.

1. На Скопје во изминативе неколку недели му се случува бум во забавниот и ноќен живот со големиот број на светски артисти и маркантни имиња кои од Миконос ни гостуваат токму во Intermezzo, па колку беше тешко истите да се донесат токму во нашата метропола и каква беше реакцијата на Скопјани?

– Се што човек сака да направи може и да оствари. Идејата се роди минатата, но со реализација на самата започнавме оваа година. Беше тешко од аспект да се изорганизира се заедно, затоа што луѓето кои ги донесовме се моментално едни од најпопуларните, тие се артисти што настапуваат ширум светот, а меѓу другото и на најдобарата летна дестинација за забава во светот, на Миконос. Иако беше тешко, нам ни беше предизвик и задоволство да се донесат. Од нашата публиката имаме одлична реакција. Ние не измислуваме ништо ново, едноставно се обидуваме да ги пратиме светски трендови и ги носиме тука. Со самата помисла дека местото за забава и сетирање на трендови за добра музика е Миконос, ние успеавме дел од тие артисти да ги донесеме во шест викенди во Intermezzo Privé .

2. Во последниве неколку години сведоци сме дека турбофолкот длабоко навлезе и во нашето општество, а Intermezzo Privé нуди една поинаква слика за градот, знаат ли Скопјани да ги ценат ваквиот тип на забави или сепак повеќе сакаат да се приклонат кој она што во поголем број им се нуди?

– Како и многу други локали во Скопје, така и Intermezzo Privé го бараше и сакаше да го створи својот идентитет. Целта мене и на мојот парнер ни беше да направиме место кое ќе биде препознатливо и коешто буквално ќе има свој идентитет. Дали и како луѓето го прифаќаат… можам да кажам дека малку луѓе точно разбираат што правиме, но како што ќе поминува времето сигурен сум ќе знаат и ќе разбираат многу повеќе. Дали турбофоклот има земено голем дел од градот, би рекол, да има!

3. Како скопски урбан лик веројатно сте биле дел од ноќниот живот и од пред 10-15 години, а денеска директно учествувате во неговото креирање, што би рекле Вие кога имаше подобар ноќен живот, сега или во минатото?

– Од моја гледна точка Скопје порано имаше многу подобар ноќен живот и затоа наша цел е тоа да го промениме. А како што знаете има и други локали кои се трудат да направат нешто плус. Нашата цел е да помогнеме да се врати урбаниот сјај на ноќниот живот во градот. Доколку не ги пратите светските трендови и не инвестирате, тогаш стоите во место. Мислам дека тоа и му се случи на Скопје. Како викаат: Човек кога мисли дека го достигнал врвот, тоа е
моментот кога почнува да паѓа. Постојано треба да одиме напред, нагоре и да правиме нешто ново.

4. Како млад и успешен човек кој во исто време има одлично разработени и успешни бизниси, што би рекле која е тајната за успехот, постои ли тајна формула или се е до тоа да го сакате она што го работите и да вложувате во сопствен напредок?

– Единствена формула за успех се големата желба и посветеност. Јас така го гледам тоа. Како што знаеме граници нема, единствени граници коишто можеме да си ги створиме, се границите во нашата глава. Јас имам преголема желба да успеам во тоа што го работам и верувам дека така и ќе продолжам.

5. Intermezzo Privé слободно можеме да го вброиме во еден од најдобрите локали во нашиот град, но овие настани навистина ја подигнаа границата за добра забава, па логично се поставува прашањето што следно се подготвува?

– Како што е веќе познато музичкиот проект Intermezzo Music Rituals го започнавме пред месец и половина, мене целта за оваа идеја ми беше локалот Intermezzo Privé, како бизнис да функционира малку подобро. Затоа што доаѓам од компанија каде што се е средено, каде има една извонредна организација, каде што се знае точно кој и што работи, па така и тука во Intermezzo Privé сакав да го имплементирам истото. Кога започнавме со музичките ритуали го вклучивме Константин во целата приказна на позиција како музички и event менаџер. Изминатиов период ги донесовме најдобрите артисти кои воедно и го сетираат новиот тренд во електронската музика, имавме настапи во живо, слушавме необјавена авторска музика и би рекол дека скопјани уживаа во новите ритуали. За зимската сезона продолжуваме повторно со големи и звучни имиња кои сега не би ги откривале. Би кажал само дека ќе имаме артисти кои изведуваат електронска музика во живо, живи инструменти на сцена, начин на изведба кој е тренд насекаде низ светот. Исто така сакаме нашите мизички ритуали како настан да ги надминат границите на Интермецо и да излезат надвор од него. Има доста локации низ нашава земја, а и во нашето Скопје кои што плачат за добар ивент, за добра забава, за добра музика. Верувам дека сето ова ќе биде интересено за граѓаните. Имам многу замисли и идеи, веќе некои од нив се остваруваат. Можете да замислите, ние го имаме Валерон, тој е светско име за кое многумина и сеуште не се свесни а вие можете да уживате во неговата музика во нашиот бар. Можам да ве уверам, Интермецо и Скопје продолжуваат во една убава насока. Заедно ќе креираме нови и убави моменти.

(Љупка Спасовска)