Доделени првите награди вредни по 100.000 денари од „Мој ДДВ“

ИЗВОРскопје24
|

15 најсреќни граѓани од наградната игра за „Мој ДДВ“ добија по 100.000 денари. Најсреќните 15 граѓани кои од 15 до 31 декември лани скенирале фискални сметки, вчера добија по 100.000 денари на вчерашното јавно извлекување.

Во првото коло на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда учествуваа 132.261 граѓанин, коишто скенирале вкупно 5.398.855 сметки. Ова беше прво од 12 месечни извлекувања на 15 награди од 100.000 денари, со електронски генератор по случаен избор.

Шест од наградените се од Скопје, по двајца од Штип и Велес, и по еден награден од Кавадарци, Кочани, Битола, Велес, Вевчани и Крива Паланка.

По почетокот на МојДДВ #МојаНаграда, во декември се зголемија бројот на скенирани сметки и наплатениот ДДВ во однос на претходниот месечен просек од јули до ноември. Така на пример во декември бројот на скенирани сметки е за 53 отсто повисок во однос претходниот месечен просек, додека наплатениот ДДВ од фискалните сметки е за 59 проценти повисок.

Најмногу сметки на дневно ниво биле скенирани на 31 декември или 559.417 сметки. Тоа е двојно повеќе од просечното дневно скенирање на сметки, сметано од 1 јули. Дента пред новогодишната ноќ бил направен промет од 311.715.569 денари или повеќе од 5 милиони евра, за кој бил наплатен ДДВ во износ над 530 илјади евра. Само за скенираните сметки на ден пред Новата година, граѓаните ќе добијат поврат на ДДВ од 15 проценти во износ од 80.000 евра.

Граѓаните кои учествуваат во наградната игра МојДДВ #Моја награда имаат можност да добијат една од 3.852 парични награди, со вкупен фонд од половина милион евра, а на секои три месеци добиваат поврат на ДДВ и придонесуваат во борбата против сивата економија.

Izvor: makfax.com.mk