Една од галиите на Вардар се растура, внатре полно со градежни остатоци

ИЗВОРТелма
|

Галијата на Вардар која се наоѓа спроти МНР односно најисточно во речното корито денеска се разградува и уништува откако градските власти успеаја да почнат со реализирање на отстранувањето по судските перипетии со сопственикот од Бугарија.

Трите галии беа декор од контроверзниот проект Скопје 2014 и по доаѓањето на СДСМ на власт беше ветено дека ќе бидат отстранети поради несоодветната локација, за подобар протек на водите на Вардар и за враќање на стариот дух на Скопје.

Иако пред повеќе од половина година започна таа акција на град Скопје, поради неплаќање на киријата, постапката запре откако сопственикот-фирма од Бугарија со жалба на суд се обиде да го оспори уривањето и отстранувањето. По судските рочишта кои не го запреа извршувањето, градот денеска продолжи со уривањето.

Останатите две галии кои исто така поголем дел од времето се „на суво“ поради нискиот водостој на Вардар, се безбедни затоа што нивните кираџии ги плаќаат обврските кон Скопје.

-Првата од 3-те галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата!!! Скопје, една поинаква приказна!, напиша скопскиот градоначалник Петре Шилегов на својот ФБ профил.

Објавени се и неколку фотографии на кои се гледа како изгледа внатрешниот дел на галијата. Градежни остатоци и панели од бродскиот таван и од скалите се нафрлани внатре, додека работниците низ отворена дупка на бродскиот труп ја расклопуваат галијата и ја однесуваат.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди уривањето на објектот и однесувањето на скопскиот градоначалник Шилегов за кого велат дека немал градежни проекти туку само уривал она што го направиле претходниците.

Нема информација дали галијата целосно ќе се уништи и дезинтегрира на парчиња или ќе бидат послушани предлозите на некои граѓани, па како целина да се донира и стави на некое детско игралиште или во парк.