Едно лице загина, а неколку се повредени во експлозија на бомба на влезот на Основниот суд во Подгорица, пренесува Подгорички вести.
Како што наведуваат медиумите загина 40-годишниот маж кој ја активирал бомбата.
„Во 11.35 часот добивме известување дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени лица. Утврдивме дека загинал М.Б. (40) кој ја активирал експлозивната направа. Имаме уште пет повредени лица кои се лекуваат во Клиничкиот центар“, вели Срѓа Кораќ од Криминалистичката полиција.
„Констатиравме дека починал М.Б. кој ја активирал експлозивната направа“, додава тој.
Пет лица се повредени и пренесени во болница, а истрагата е во тек. Полицијата и екипите на итната помош се на терен.
Поради дојава за поставена бомба, вчера беа евакуирани вработените од зградата во која се сместени Врховниот, Вишиот и Апелацискиот суд во Подгорица. Од Врховниот суд за „Вјести“ изјавиле дека полицијата која ја обезбедува зградата на трите судови добила дојава за наводно поставена експлозивна направа, по што биле извршени антитерористички проверки.