EXIT започнува фестивал во Македонија во 2023 година

ИЗВОРСкопје24
|

Идната година EXIT ќе започне фестивал и во Македонија, на кој ќе му претходи голема Get EXITed забава на 7 септември во Струмица, која ќе донесе голем број познати меѓународни и регионални музички ѕвезди во овој македонски град, најавија денеска организаторите.

Во соопштението се наведува дека наскоро ќе биде објавена целосната листа на изведувачи и локации, како и почеток на продажбата на првиот контингент билети.

„Со новиот фестивал EXIT, во 2023 година, EXIT ќе го зајакне своето веќе многубројно фестивалско семејство на дури десет члена во осум земји и ќе ја зајакне својата позиција како најголема фестивалска група во Југоисточна Европа“, се наведува во соопштението.

На прес-конференцијата што се одржа во Струмица по повод прогласувањето на новиот фестивал, градоначалникот Коста Костадинов ги покани „сите народи на Балканот да дојдат во Струмица, заедно да отвориме едно убаво и големо поглавје на нашиот отворен Балкан“.

Тимот на EXIT соопшти дека GetEXIT, кој ќе се одржи во септември, е почеток на соработката со Македонија, која се приклучува на „семејството на EXIT настани“.

Во соопштението се наведува дека „EXIT е најголемата организација на музичката индустрија во Југоисточна Европа, чија мисија е поврзување на регионите и промовирање на мирот, како и брендирање на дестинации и градење на нивниот препознатлив фестивалски имиџ“.

Покрај матичниот фестивал, кој се одржува во Нови Сад повеќе од 20 години, EXIT досега организираше бројни фестивали и големи концерти, како фестивалот No Sleep во Белград, Sea Dance и Ada Divine Awakening во Црна Гора, Revolution во Романија, Sea Star во Хрватска, Echowaves во Грузија, Фестивал 84 во Босна и Херцеговина, Sunland во Бугарија, како и разни концерти.