Филип Миркуловски: Да ги научиме помладите како се игра за Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Филип Миркуловски веднаш по пристигнувањето во Скопје му се стави на располагање на националниот тим.
Тој ќе биде тренер-играч во репрезентацијата, нешто што е и во Вецлар, а во изјава за Gol.mk, популарниот „Жути“ го коментира новиот предизвик.

Кирил Лазаров успеа да го врати големиот борец во репрезентацијата и тој ќе добие минутажа на мечевите со Данска. Но, воглавно тука е за да помага од клупата и да им дели совети на помладите ракометари, како треба да го „потат“ дресот со националниот грб.

„Во 2018 година летото кажав дека не може да играм на големите натпреварувања. Сепак, сега сум во друга улога, тука сум како тренер и како играч, дојден сум да помогнам. Не сум како претходно и спремен и здрав, така што сега имам поинаква улога. Со Лазаров сум соиграч во репрезентацијата веќе 15 години, се понудив да помогнам, впрочем сите сме тука за тоа, да направиме една успешна работа и да ги научиме младите како треба да се однесуваат кон македонскиот дрес, како се игра за Македонија и како да одговорат на тактичките задачи.

Што се однесува до составот, имаме доста млади играчи во ростерот, но има и доста искусни. Талески и Кузмановски веќе четири години играат на високо ниво, Манасков, Стоилов, Георгиевски, Митревски, Лазаров… веќе долго време играат во репрезентацијата. Играме против светски првак, немаме притисок, желба е да покажеме ново лице од тој настап на Светското првенство. Има уште многу работа, но во ова време што го имаме ќе работиме против Данска да одиграме многу подобро од она што Македонија го покажа во текот на зимата“, изјави Миркуловски за Гол.мк

Македонија првиот натпревар против Данска ќе го игра на 11 март во Скопје. Вториот дуел во Алборг, четири дена подоцна.