Филипче до Петар: Не разбирливи се вашите ставови, вие први треба да застанете во заштита на здравјето, да не се повторат грешките од минатото

ИЗВОРСкопје24
|

Неразбирливи се ставовите на владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од болеста за време на велигденските празници. Ваков е ставот на министерот за здравство, Венко Филипче, по изјавата на владиката Петар дека заразата не се шири преку причестувањето, а луѓето што не се во црквата не треба да се мешаат во црковните работи.

Филипче порача дека владиката како верски авторитет треба да биде пример во заштита на здравјето на граѓаните.

„Неразбирливи се ставовите на Владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од болеста за време на велигденските празници.

Почитуван Владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на болеста.

Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со болеста е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита, напиша Филипче на социјалните мрежи.