Филипче: Oние кои ја прележале болеста засега не треба да се вакцинираат

ИЗВОРСкопје24
|

Во очекување на првите дози на вакцини преку Ковакс механизмот што треба да стигнат во февруари, министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на вестите на ТВ Сител, најави дека е подготвен и поставен системот за вакцинација во однос на складирањето, планот на дистрибуција, како и на идентификувањето на критичните групи според приоритет.

– Целосно е подготвен системот за вакцинација во однос на идентификувањето на критичните групи според приоритет. Направен е тој план, тоа се три групи – во првата лекарите, медицинските сестри, здравствените работници кои работат со ваквите пациенти, вработените во лабораториите. Понатаму штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години кои имаат коморбидитети, рече Филипче.

Во втората група, најави, се останатите здравствени работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите, и понатаму според приоритетите кои треба да се заштитат и другите пациенти од другите возрасни групи кои имаат хронични болести. Додаде дека целосно се подготвени и здравствените домови и центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и ги аплицираат вакцините по овој редослед.

Во однос на тоа дали ќе се вакцинираат лицата кои веќе имаат прележано, вели дека засега препораката е да не се вакцинираат.