Филипче: Се намалува бројот на новопримени пациенти во болниците, но будно ја следиме ситуацијата

ИЗВОРСкопје24
|

За време на викендот имаше намалување на бројот на новопримени пациенти во сите болнички установи во Скопје и ширум државата споредено со крајот на минатата недела, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека иако има таков тренд на намалување, се уште се внимателни и будно ја следат ситуацијата.

– Има доволен капацитет слободни болнички кревети, се уште трае системот на ротација, координацијата во врска со приемите на пациенти помеѓу институциите, како во Скопје така и меѓу останатите болници и скопските, така што во таа смисла верувам дека трендот ќе продолжи, но ние сме се уште внимателни и будно ја следиме ситуацијата, рече Филипче.

Посочи дека денешната бројка на новодијагностицирани е околу 300, но тоа, како што вели, е очекувано, бидејќи секогаш во недела има помалку направени тестови.

– Утрешниот ден ќе биде навистина некаков репер дали тој тренд на намалување на новодијагностицирани што беше и траеше во текот на изминатата недела ќе продолжи, нешто што е многу значајно и во однос на тоа како ќе пристапиме во делот на препорака за натамошните превентивни мерки, така и во делот на планирање на болничките капацитети, рече Филипче.

Извор: МИА