Филипче: Следната недела по скратена постапка ќе се менува Законот за заштита од заразни болести, за да се усвојуваат рестриктивни мерки

ИЗВОРСкопје24
|

На претпоследната седница на Владата беше утврдено дека за да се усвојат рестриктивните мерки кои ги предлага Комисијата за заштита од заразни болести, како што е носење маска насекаде, и забраната за групирање на повеќе од 4 лица по 22 часот и во домовите, е потребно да се направат законски измени.

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска најави дека Законот за заштита од заразни болести веќе е во собраниска процедура и со амандманска интервенција ќе има можност веќе следната недела да се интервенира.

Тој посочи дека за кратко време се очекува и законот по скратена постапка да се реализира, со цел да се донесат новите мерки, кои ги предлага Комисија за заразни болести за да се спречи ширењето на болеста во нашата земја.

-Се изнуди практично таква ситуација, да мора да се интервенира во законот, поради тоа што дел од уредбите, препораките за носење на заштитна опрема во надворешна средина се ставени во уредбата со законска сила, којашто беше изгласана и донесена на крајот на вонредната состојба. Така да ова е најдобриот начин да имаме една мерка, којашто е ефикасна и ќе може да се контролира и да се спроведе, вели Филипче.

На прашање на новинарите како ќе се справи здравствениот систем со недостигот на лекари и медицински персонал на инфективните одделенија низ земјава, Филипче со одговор дека тој проблем се надминува уште од почетокот на кризата со системот на ротации на лекарите и медицинскиот персонал од други одделенија.

-Лекари, интернисти, инфектолози и сестри се во системот на ротација, како од клиниките кон Инфективната во Скопје и болницата во Козле, така и и од една кон друга општа болница ширум државата. Во еден одреден период имавме, пред неколку месеци имавме ваква слична ситуација, кога беа скоро преполнети одделенијата и сега навистина има голем притисок за прием на пациенти во болницата во Струмица, понатаму во Куманово и во Битола има слободни места и во Гостивар, почнаа да се полнат капацитетите и во Кавадаречката болница, таму има веќе сместено двајца пациенти од вчера, вели Филипче.

Забележа дека е во секојдневна координација со раководствата на болниците и се менаџираат ситуациите, а се прават и секојдневни анализи и се врз основа на нив се прави системот за мобилизација на медицинскиот кадар.

Прашан дали болниците ќе добијат дополнителни финансиски средства, бидејќи имаат зголемени трошоци за заштитна опрема и за набавка на кислород, а од друга страна приловот на средства е намален од оние секојдневни специјалистички прегледи на другите одделенија, Филипче со одговор дека уште на почетокот на кризата ниту една здравствена институција не се соочи со недостиг на финансии.

-Имаше зголемување на буџетите во тие болници, каде што имаше зголемен трошок за третман на овие пациенти заболени од новата болест, од другите болници каде што беше намален обемот на другата работа, имаше прераспределба на буџетите. Меѓутоа во рамките на практично секојдневната следење, анализирање на состојбата од страна на министерството, Фондот за здравствено осигурување, ниту една институција не беше оставена без потребните финансии, вели Филипче.

Министерот за здравство најави дека набавени се 40.000 вакцини за сезонскиот грип, кои ќе бидат бесплатни за одредени граѓани, со хронични болести, за кои се смета дека треба да ја примаат оваа вакцина, а вакцинацијата ќе почне на крајот од месецов.