По чиј налог ме следат службите на СДСМ и ДУИ, возвраќа лидерот на Алтернатива – Гаши, откако негов поранешен сопартиец објави слика од тајна средба на Гаши со екс премиерот Зоран Заев.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кафе со екс премиерот Зоран Заев во Струмица, но што разговарале останува мистерија. Откако пратеникот Скендер Реџепи кој лани ја напушти Алтернатива, објави фотографија од средбата со прашање што побарал Гаши од Заев, лидерот на Алтернатива преку објава на ФБ потврди дека средба имало, но не откри детали за што точно разговарале со поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
„Како лидер на Алтернатива имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?“, напиша Гаши.
Дека вчера во Струмица имало средба Гаши – Заев претходно потврди и генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими. Според него средбата во никој случај не била за уривање на владата на Ковачевски, туку во фокусот биле актуелните политички случувања во земјава.
Алтернатива беше доскорешен владин коалициски партнер на СДСМ и ДУИ. По реконструкцијата на Владата со влезот на Алијанса на Албанците, од партијата на Гаши одлучија да заминат во опозиција, критикувајќи дека засилувањето со Таравари е за спас на ДУИ од расколот во партијата со т.н. „огнена група“.
Претходно, на почетокот од годинава, по шпекулациите дека се „крчка“ влада без ДУ,И гостин на Заев во Струмица беше Ахмети на четиричасовна средба, како што неодамна потврди Груби.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети заедно со неговите најблиски соработници и министрите, но без никој од „огнените“, денеска се појави на настан под негово покровителство за досието од Албанската илегала во период од 1945-1999 година. Иако изјави беа најавени, Ахмети во последен момент се предомисли и ги избегна новинарите.