Германија: добра за работа, лоша за живеење

ИЗВОРСкопје24
|

Германија е атрактивно место за вложување и земја која на странците им пружа добри можности за работа. Но, една нова студија укажува дека странците во земјата не се чувствуваат добро.

Високи кирии, хроничен недостаток на места во градинките, зголемени животни трошоци. Тоа се маките кои не ги мачат само Германците, туку и оние кои од други земји доаѓаат во Германија да работат, најчесто привремено (експатс). Но, тоа не е она што странците кои доаѓаат во Германија го гледаат како најголем проблем. Она што најмногу им пречи е не баш пријателскиот однос на Германците кон странците.

Тоа произлегува од студијата на интернет-платформата „InterNations”, наменета за оние кои живеат и работат во странство. Притоа, заклучоците на студијата не се нови: и минатата година дојденците се жалеа на гостопримството на Германците. а овојпат Германците минаа уште полошо: од 68 земји на листата, Германија се најде на 38 место. Тоа е далеку послаб резултат од 2014 година кога Германија се уште беше на солидното 12 место.

Расправа за доселувањето го зајакнува негативниот впечаток

„Дури 56 отсто од испитаниците во Германија тврдат дека е тешко да се спријателиш со локалното население“, вели за ДВ директорот на платформата „InterNations”, Малте Цек. На глобално ниво, 36 проценти од иселениците имаат проблем да воспостават контакт со локалците. Во Германија тој процент е далеку повисок. „Темата миграции која во последно време владее со јавниот дискурс, не влијаеше позитивно врз развојот на ситуацијата“, вели Цек.
Тоа не го подобрува ниту добриот имиџ на Германија кога е во прашање економијата. Германија и натаму е меѓу највисоко ценетите како место за работа: работните места се сигурни, социјалните услови добри, стопанството стабилно.

„Германија е атрактивна цел за странските работници“, смета и Марсел Фрачер, директор на Германскиот институт за економски истражувања. Во разговор за ДВ тој наведува дека во текот на последната деценија секоја година во Германија се доселувале по 300 илјади граѓани од други земји на ЕУ. Фрачер смета дека Германија е атрактивна поради квалитетните работни места и добрите можности за натамошно образование, и дека тоа така ќе остане и во иднина.