Германската железница бара работници од Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Германскиот железнички концерн Дојче Бан реши недостигот на работна сила да го надмине со регрутирање на персонал од неколку европски земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Еден од најголемите работодавачи во Германија кој вработува околу 200.000 луѓе низ целата земја во следната година се очекува да вработи уште 8.000 нови работници од различни профили.

Како што пренесува DW, на државниот железнички сервис му се потребни илјадници нови вработени па така Дојче Бан бара машиновозачи, возачи на автобуси и електричари во четири европски држави, меѓу кои се наоѓа и нашата земја.

Оваа година, веќе видовме објавени огласи во Шпанија и Романија од каде беа вработени по 30 работници од дефицитарните профили, а сега т.н “лов на работна сила“ ќе се прошири и во Италија, Грција, Србија и Македонија.

За работниците кои ќе ги исполнат критериумите за вработување, предвидена е и дополнителна обука во Германија, платено учење на германскиот јазик, како и квалификација за одредена струка.

Инаку, како што пренесува порталот, во потрага по работна сила од странство, освен германската железница, се и швајцарската и австриската железница, со тоа што Швајцарија регрутира персонал од Германија, а Австријците во југоисточна Европа.