ГОБЛЕНИ – Изложба на Филип Ивановски Пепе

ИЗВОРCreArt Скопје
|

Преку изложбениот концепт КАЛЕИДОСКОП III, Музеј на град Скопје, продолжува да застапува еден од основните приоритети на CreArt –презентација на локални креативни таленти и уметници, со нивните дела зад кои стојат различни културни багажи и гледишта. Третото по ред реализирање на КАЛЕИДОСКОП III 2020год. се состои од самостојната изложба на Филип Ивановски Пепе насловена ГОБЛЕНИ во Галерија ФЛУ-Скопје 30.09 – 04.10.2020 год.

Посетата на изложбата ќе биде во склоп на протоколот за одржување на јавни настани, со предходна најава, со почитување на мерките за одржување физичка дистанца и задолжително носење заштитна опрема.

Галерија ФЛУ е во склоп на Факултетот за ликовни уметности- Скопје, објект Педагошка(бул. „8 септември“ бр.10, Скопје)

Од 2018год. Пепе почнува да равива дела преку испреплетување на пластични ленти сечени од најчесто зелени пластични шишиња со кои градел површини и текстури. Истиот пристап го применил со сечење амбалажи од лим и сечење на алуминиумски ленти, додека во комбинација со цемент, моделиран стиродур, обработен гипс, сликани објекти и др. Ивановски создава 7 етапи под насловот ГОБЛЕНИ.

За Авторот самото општество е едно големо уметничко дело, дело во кое секоја единка придонесува креативно на свој начин. Како на пример, собирањето на пластични шишиња, кое првично започнува неформално, се до согледувањето на патот на нештата, кога потоа собирањето шишиња станува приоритетно. Илјадници исечени и испреплетени шишиња стануваат носечки материјал во делата, за кои многу големо учество имаат пријателите и опкружувањето, тие беа дел од процесот, континуирано до крајот.

Пепе преку неговата имагинација и спонтаност наративно не води низ содржините на: Првиот грев преку сликаниот објект Атанас и Славица ; Трагите од некое постоење во отпечатоците на Цивилизација I ; Приказните од нашето секојдневие, изгубената контрола и вредоности во Изгубени работи ; Новата ера на одржување односи и врски преку Муабет ; Како гледачи не поставува над „високите“ згради со поглед кон Град за птици ; Трагите од некое идно постоење, испреплетени и вметнати во Цивилизација II ; Додека на крајот вниманието е локално и упатува на социалјните теми кои обележуваат еден период, со не случајно поставени елементи во Coup D’état.

Можноста која Град Скопје, како ко-партнер во проектот CreArt (Network of Cities for Artistic Creation) кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија, ја создаде преку презентацијата на делата на младите креативци од Македонија. Уште еднаш со КАЛЕИДОСКОП III 2020год., се докажа дека креативноста е став и вештина присутна кај луѓето, која може и мора задолжително да биде постојано стимулирана, збогатувана и надградувана.

Изложбата може да се посети секој работен ден, во рамките на работното време на Факултетот за ликовни уметности, 08 – 14 часот.