Големо аерозагадување во Карпош во ноќните часови покажаа државните мерни станици

ИЗВОРСкопје24
|

Големи скокови на аерозагадување со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички од над 140 микрограми на кубен метар покажаа податоците кои денес ги објави на официјалниот сајт на Министерството за животна средина од мерната станица Карпош.

Изминативе три дена, поради, како што информираа од МЖСПП, проблеми со серверскиот систем, Државниот мониторинг систем за квалитет на воздух имаше прекин на објавување на податоци од мерењата од 31 август до 3 септември.

Според МЖСПП, од денеска попладне сите податоци од мерењата кои ги вршат мерните станици кои се во функција повторно се достапни на веб порталот за квалитет на воздух, а меѓу нив и од мерната станица Карпош.

Меѓутоа, токму графиконите кои покажуваат каков бил квалитетот на воздухот во реонот на Карпош од 29 август до 3 септември укажуваат на тоа дека во ноќните часови, помеѓу 20 и 24 часот енормно се зголемувале вредностите над дозволените 50 мг/м3. Така, на 29 август во 21 часот во Карпош беа измерени рекордни 142 мг на кубен метар, на 30 август во 22 часот биле измерени 116, на 31ви – 86,3, а на 2 септември 130,92 мг на кубен метар ПМ 10 честички.

Речиси идентична била состојбата и со присуството на ПМ 2,5 честичките во воздухот во Карпош, при што на 29 август во 20 часот биле измерени 135, 4 мг/м3, на 30 во 22 часот – 101 мг,м3, а на 2 септември во 20 часот – 135 мг/м3.

„Пиковите во Карпош се стандардна појава во ова време секоја година. Се гушиме во ужасен токсичен и канцероген чад и во лето, а потоа во зима проблемот само се маскира и се зборува само за греењето од домаќинствата, а всушност постои целата година. Од Сарај, од Ѓорче, покрај Вардар, кај мостот Газела, кај Лепенец, безбројни локации каде постојано се пали и чади преку цела година, не само сега кога се палат и стрништата. Овие локации и понатаму се хронични жаришта на кои недозволено се пали , вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.

Изминативе три дена беа недостапни податоците од мерењата на аерозагадувањето во цела Македонија што предизвика бројни реакции во јавноста. О2 Иницијатива излезе со став дека запирањето на податоците од мерните станици на Министерството чудно коинцидира со деновите на интензивни палења на отпади и зачаден воздух на подрачјето на Скопје за кои граѓаните бараа властите да превземат соодветни мерки и да ги казнат сторителите. На социјалните мрежи бројни реакции за нетранспарентноста на надлежните институции околу аерозагадувањето.

„Уште една од низата генијални мерки против загадувањето – гаснење на мерните станици“, е еден од коментарите на Твитер.

Голем број од евидентираните случаи на недозволени палења произлегуваат од палења на стрништата на нивите на подрачјето на Општина Сарај, објави Инспекторатот на Град Скопје, чијшто прв човек, Мирослав Богдановски за СДК.мк изјави дека инспекторите и покрај тоа што знаат од каде доаѓа загадувањето, велат дека не можат да интервенираат оти добиваат закани од населението и најави дека ќе бара асистенција од Министерството за внатрешни работи за да можат градските инспектори на терен да утврдат кој ги пали огновите и загадува и да им пишат пријави. Од друга страна пак, првиот човек на Општина Сарај, Блерим Беџети, пак, за истиот медиум изјави дека општинските инспектори не регистрирале појава на палење на нивите.

Извор: Мета