Храната во конзерви трае долго, но мора да внимавате на овие работи

ИЗВОРСкопје24
|

Нутриционистите нѐ советуваат како правилно да ги чуваме и да ги користиме ваквите резерви и како да ги употребуваме без да го загрозиме здравјето.

Создавањето резерви храна е неизбежен дел од секоја кризна ситуација, па така и во овој период, за време на пандемијата на коронавирусот, многумина се снабдија со храна во конзерви. За да биде конзервираната храна безбедна за консумирање и да ги задржи сите добри својства, треба да ги почитуваме основите правила.

Една од дефинициите вели дека конзервирањето е постапка со која се спречува расипувањето на храната од животинско и од растително потекло на пократко или на подолго време. Тоа го кажува и самото име, кое потекнува од латинскиот збор conservare што значи – да се сочува. Овој процес го има измислено парискиот слаткар и готвач Николас Апер, кој уште кон крајот на 18 век забележал дека посебната термичка обработка овозможува подолго траење на компотот.

Нутриционистите нѐ советуваат како правилно да ги чуваме и да ги користиме ваквите резерви и како да ги употребуваме без да го загрозиме здравјето.

Со конзервирањето производите се штитат од непосакуваните физичко-хемиски појави и процеси како и од микробиолошките разложувања. Иако конзервираните производи се сите оние што се спакувани во херметички затворени лименки, стаклени или пластични амбалажи и потоа конзервирани со топлина, треба посебно да се води сметка. За да ги задржи храната добрите својства, мора да се внимава каде и како конзервите се чуваат, дали се оштетени и како безбедно да се консумираат.

Детални инструкции на кои треба да се придржуваме при купувањето, но и при трошењето на конзервираните резерви храна.

Конзервираниот прехранбен производ е херметички затворен и термички обработен. Иако се знае дека имаат рок на траење, секогаш проверувајте ги датумите на конзервираните производи. Тоа е првото на што треба да обрнете внимание, бидејќи квалитетот на производот од конзервата најчесто се менува по две години од датумот на пакувањето. Обрнете внимание на оштетувањата што се јавуваат на конзервите.

Корозијата може да настане за време на нејзиното складирање поради високата влажност, а до деформација може да дојде поради процесот на стерилизација или во текот на пакувањето и чувањето.

Набабрувањето на амбалажата е уште едно оштетување што може да влијае врз квалитетот на производот. Тоа е подуена конзерва која настанува поради присуството на гасови, кои можат да бидат хемиски, водород или микробиолошки – од габички или бактеријата Clostridium.

Пред отворањето: Проверете дали амбалажата има некои оштетувања. Измијте ги рацете. Дезинфицирајте го или добро измијте го и избришете го горниот дел од конзервата. Користете остри и чисти отворачи и потоа добро измијте ги. Користете чисти подлоги и садови за сервирање. Никогаш немојте да јадете директно од конзервата. Ако има сомнителна содржина во конзервата, отстранете ја без да ја пробате.

По отворањето: Откако ќе ја отворите конзервата, задолжително пресипете ја содржината во друг сад и веднаш употребете ја. Ако не сакате да ја потрошите целата содржина, остатокот префрлете го во стаклен или во пластичен сад и чувајте го во фрижидер.