Хумани граѓани во Кичево градат куќа на социјално загрозено семејство

ИЗВОРскопје24
|

На иницијатива на месната заедница на селото Длапкин Дол се гради нова куќа на социјално загрозено семејство од ова село.

– Како месна заедница одлучивме да им помогнеме бидејќи живеат во лоши услови. Не сакаме јавно да објавиме за кое семејство се работи, но собравме пари од жителите на селото. Секој даде колку мислеше, но најголем дел од средствата се собрани од печалбарите на нашето село. Помогнаа и многу други хумани луѓе и компании од Кичево и Кичевско. Куќата ќе има три соби, кујна и санитарен јазол. Донации доаѓат скоро секојдневно, вели Ќамил Рушити од раководството на месната заедница.

Тој се надева дека пред зимата ќе успее да се всели ова семејство во новиот дом.

Инаку Кичево — град во средишниот дел на Западна Македонија. Градот лежи во Кичевската Котлина под југоисточните падини на планината Бистра. Кичево е оддалечено 110 километри од Скопје, а се наоѓа на речиси половина пат меѓу Гостивар (46 километри) и Охрид (61 километар). Градот Кичево со својата местоположба претставува еден од најважните сообраќајни и транзитни центри во Западна Македонија.

Потекло на името Кичево

Кога дошле Словените во овој крај основале нови населби. Во тоа време најверојатно бил основан и денешниот град, кој, како населено место првпат се споменува во една повелба на византискиот император Василиј Втори од 1018 година со топонимот Кицавис. Во текот на средниот век градот бил споменуван и со формите Китсавин и Китчавин (Кичавин) и се наоѓал во состав на Охридската архиепископија. Охридскиот архиепископ Теофилакт населбата ја споменувал со топонимот Киттава, а византискиот хроничар Акрополит градот Кичево го именувал со формите Кицавин и Кицавеос. Во 1316 година во близината на градот Кицавис (Кичево) бил изграден манастирот „Св. Пречиста“ во кој некогаш престојувале и се школувале нашите први преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ.