Идеја за ручек: Поховани пиперки полнети со сирење – нема да може да им одолеете

|

Летото е синоним за јадења во кои главна ѕвезда е пиперката. Полнети, пржени, со јајца, како дел од салата, пиперките се совршени во секоја варијанта.

Но, дали сте пробале пржени пиперки полнети со сирење? Вкусните пржени пиперки се идеално јадење за целото семејство, а мирисот кој ќе ја исполни цела куќа ќе направи да ги снема од трпезата додека да трепнете.

Состојки: 3 јајца, 100 гр. брашно, 4 лажици презла,  200 гр. ситно сирење, 4 поголеми пиперки, сол, сусам и масло за пржење.

Подготовка: Пиперките измијте ги и наредете ги во плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење, па ставете ги во рерна загреана на 200 степени 30 минути.

Измешајте сирење, едно јајце и сол во сад. Во секоја пиперка внимателно ставете по две лажици сирење. Во чинија изматете ги преостанатите две јајца, а во другите две чинии истурете ги презлата и брашното.

Ставете ја пиперката прво во брашно, па во јајца, па во презла.

Во тавата сипете масло, почекајте да се загрее, а потоа ставете ги пиперките да се пржат. Кога ќе бидат готови, ставете ги на хартиена крпа за да се исцеди вишокот масло.

Послужете ги пиперките, а кога ќе ги исечете на половина, посипете ги со печен сусам. На здравје!