Инспекцијата не може со денови да ги затвори „Мош“ и „Интермецо“, газдите се кријат – наместо како барови, кафулињата работеле како дискотеки

|

Наместо како барови кафулињата „Интермецо“ и „Мош“ работат како дискотеки во густо населени места и тоа е голем проблем со кој се соочуваме во Општина Центар“, рече градоначалникот Герасимовски во Студио 10 на Телевизија 24.

Прашан за поплаките од граѓаните со гласна музика тој напомена дека во Општина Центар стигнуваат многу поплаки од жителите на Капиштец за истите локали за кои неколку пати досега општината изрекла казнени решенија.

„Правиме мерење на бучава и изминатиот период истите барови беа казнети со високи казни од 800 000 денари и во наредниот период ќе продолжиме со акциите. Проблемот е малку поголем поради тоа што не работат како барови, туку како дискотеки во густо населени населби и со самата гужва и фреквенција на автомобили, не само гласна музика, прави проблеми со паркирање, со хигиена итн.

Најголем проблем особено во Капиштец е токму гласната музика и овие неколку барови кои се на тој потег и за истите во наредниот период ќе направиме напор преку поголем број на акции да ги решиме сите овие проблеми“, изјави Герасимовски на Телевизија 24.

Инспекторите на Општина Центар минатата недела во заедничка акција со Државниот пазарен инспекторат направија контроли во кафулињата „Интермецо“ и Мош“. Поради непочитување на работното време во ноќните часови пазарната инспекција изготви записници за затворање и забрана за работа од 10 дена.

Инаку кафулињата не можат да бидат затворени повеќе од десетина дена, бидејќи газдите не сакаат да ги примат решенијата за пломбирање.

Истите сега биле испратени по пошта, па откако ќе помине законскиот рок, ќе се постапи кон затворање на локалите.