ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ВИНИЛ ПРОДУКЦИЈА

ИЗВОРСкопје24
|

ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ВИНИЛ ПРОДУКЦИЈА е еден од низата настани иницирани и организирани од ПМГ Рекордингс посветени на домашната музичка сцена во рамки на кои се истражува, анализира, дискутира, контекстуализира, презентира и промовира македонската музичка продукција во периодот од 60тите години на минатиот век до денес. Во овој временски период, можностите и моделите на продукција и промоција на македонската музика, музичките автори и изведувачи се менуваат, условени од нивото на културен развој на општеството и актуелниот политички систем, и нивниот однос кон музиката како јавно културно добро. Тој креира контекст во кој се создаваат, постојат, се стимулираат или пак ограничуваат условите за работа и креација на домашните музички автори. Од историска и општествено развојна перспектива, може да издвоиме два основни периоди на различни општествени системи и државно уредување кои на различен начин ја подразбираа и третираа домашната музичка продукција; првиот во рамки на СФРЈ и вториот од осамостојувањето, до денес. Вториот период бележи модалитети на различен третман, или обиди за „тестирање” различни механизми за поддршка на македонската музичка продукција, без постоење на сериозна развојна стратегија. Тоа е видливо преку односот и начинот на работа на јавните институции, како оние одговорни за креирање на културните политики, така и оние одговорни за развој на дисциплината (во полето на продукцијата, промоцијата и образованието). Овој контекст „стимулира” појава на индивидуални, приватни инцијативи од мал обем кои по принципот DIY, водени пред се од љубовта кон музиката, почнуваат да се занимаваат со продуцирање, издавање и промоција на македонска музика. Дел од нив тоа го прават со цел да обезбедат издавање и пласман на својата музика, а дел почнуваат да се развиваат во самостојни и сериозни издавачи не само на својата тука и на музиката од други македонски музичари и музички групи. Со својата работа, која воглавном е самофинасирана, тие пополнуваат еден битна институционална празнина, а со тоа значајно придонесуваат во развојот и зачувувањето на современиот автентичен музички звук, особено во полето на современата (поп) рок, алтернативна, џез, електронска и современа класична музика. Настанот ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ВИНИЛ ПРОДУКЦИЈА кој ќе се реализира во Младинскиот културен центар на 28 септември, и преку него ќе се обидеме да допреме еден сегмент од темата на македонската музичка продукција, и тоа онаа поврзана со издавањето музика на винил.

Програмата на настанот се состои од три програмски дела: 18.00 – музичка програма, концерт на ПМГ Кокетлив (плато МКЦ)

19.00 – дискусија на тема „Историја на македонската винил продукција” (џебно кино) учесници во дискусијата: Братислав Зафировски – Брацо, Горазд Чаповски, Мирко Попов, Александар Видиновски модератор: Виолета Качакова

21.00 филмска програма (џебно кино) „103 Љубовно писмо до алтернативната култура”, музички документарен филм, режија Синиша Евтимов, сценарио: Мирко Попов „Ако никој не свири”, музички документарен филм, сценарио и режија: Ѓорѓи Јаневски „The Hip – Reality Overdrive”, Долгометражен видео албум, режија на Јане Алтипармаков, по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски

* * *

18.00 – музичка програма, концерт на ПМГ Кокетлив (плато МКЦ)

ПМГ Колектив започнува со работа во 2003 година и набргу станува еден од бендовите предводници на новата македонска музичка сцена. Произлезен од поширокиот уметничко-музички колектив ПМГ, кој две децении активно делува на нашата културна сцена, бендот ПМГ Колектив прави длабок музички засек во светското музичко искуство и го пресликуваат во македонската музичка реалност, давајќи му современ, динамичен и оригинален призвук. Звучното искуство би го локализирале некаде помеѓу креативната пост-панк мелодичност и сировиот танцов пристап. ПМГ Колектив е еден од најреномираните и најзафатени активни бендови во денешна Македонија. Со 8 студиски албуми, голем број национални хитови, неколку европски турнеи и повеќе од 300 концертни настапи, стојат цврсто на предното седиште на домашната музичка продукција. Еден од ретките бендови на домашната сцена кој во континуитет компонира и објавува музика, со силен авторски печат и светоглед. ПМГ Колектив има јасен и бескомпромисен однос во однос на темите кои ги обработува и начинот на кој го прави тоа. Прогресивна реторика, прифаќање и предизвикување промени, како преку музичка нарација, така и преку лиричка реторика. Секој од осумте досегашни албуми се приказна сами за себе, како музички, така и тематски.

Дискографија на ПМГ Колектив 2019 До небото замок (албум) 2017 ПМГ Колектив Скопје (албум) 2017 2 Милиона (сингл) 2017 90ти (сингл) 2016 Љубов (сингл) 2015 20 Години те Сакам (монографија/албум) 2015 Ex-You (албум) 2015 Ти си Мојот Свет (е.п.) 2015 Ретко те Гледам со Девојки (е.п.) 2014 80Ти (е.п.) 2012 Град Во Пустина (сингл) 2012 Клан Секулар (албум) 2012 Играј (е.п.) 2012 Последната Битка (сингл) 2012 Телефон (сингл) 2011 Штом Те Видам (е.п.) 2011 А Векот Така Добро Започна (албум) 2010 ДА4 (албум) 2009 Пријателски Оган (албум) 2008 Диско Бенд (сингл) 2008 Ние Сме Од Скопје (мини албум) 2007 Резонатор (албум)

* * *

19.00 – дискусија на тема „Историја на македонската винил продукција” (џебно кино) учесници во дискусијата: Братислав Зафировски – Брацо, Горазд Чаповски, Мирко Попов, Александар Видиновски модератор: Виолета Качакова

Дискусијата ќе се обиде да даде осврт на системот на продукција на македонска музика и нејзино издавање на винил за време на поранешна Југославија преку нејзините дискографски куќи (Југотон, ПГП РТБ, РТ Љубљана, РТ Скопје, Suzy и др.); во периодот на транзиција или трансформација на државните дискографски куќи во приватни од помал обем (Heldion, Amakord Records, DOM, Haos), проследена со појавата на приватни студија и издавачи; и периодот по 2000тите, во време на мали, самостојни, самофинансирани издавачи, водени од ентузијазам и желба за издавање на својата музика на винил (ПМГ Рекордингс, Направи Заедно, Балкан Велики, Argumeto, Sixtynine Records, Corpus Delikiti …) Разговорот со поканетите гости ќе ги опфати темите: • Процесот на продукција на музика (просторни, технички и финансиски услови и начин на продукција) • Улогата на продуцентските и дискографски куќи во издавањето и дистрибуцијата на музика на винил • Односот помеѓу авторите и издавачите на музика • Механизмите за стимулација на музичка продукцијата, улогата на “Радио Телевизија Скопје”, „Музичката и касетна продукција на МРТВ”, МРТВ, Законот за поддршка на музичката продукција • Состојбата денес – што значи да си независен продуцент и издавач на музика

* * *

21.00 филмска програма (џебно кино)

„103 Љубовно писмо до алтернативната култура”, музички документарен филм (2015)

Режија: Синиша Евтимов Сценарио: Мирко Попов Монтажа: Николина Кујача, Божидар Јовановиќ Композитинг и обработка на слика: Николина Кујача Избор на музика: Мирко Попов Звук: Синиша Евтимов Продукција: ПМГ Рекордингс Продуцент: Мирко Попов Времетраење: 55’ Учествуваат: Горан Путица, Александар Станковски, Виктор Рубен, Саша Павловиќ – Фреш, Васко Атанасоски, Костадин Шурбановски, Јанко Илковски и многу други.

Документарен филм кој го сублимира постоењето и опстојувањето на култното скопско радио Канал 103 и дава фин атмосферски осврт на современата македонска музичка, но и општествено-политичка сцена. Основната идеја за реализација на овој филм беше одбележување на 20 годишнината од постоењето на ова, во светски размери, уникатно радио. Во исто време, Канал 103 претставува радио, но и движење, кое е еден од најавтентичните скопски обележја во поново време. Освен историското значење на Канал 103, преку филмот се популаризира и промовира современата урбана култура во нашиот град и земја и се запознаат младите генерации со непосредната историја на урбаното живеење.

„Ако никој не свири“ музички документарен филм (2010)

Сценарио и режија: Ѓорѓи Јаневски Камера: Бранд Ферро Монтажа: Благоја Неделковски Продукција: Стотројка во соработка со Петра Пан Филм, House 57 и 3X. Времетраење: 55’ Учествуваат: Васко Атанасоски, Кристина Горовска, Џано Куч, Горан Аргировски, Кирчо Арсовски, Мирко Попов, Ненад Неделков, Сеад Хаџиќ и други.

Документарниот филм „Ако никој не свири“ одблиску ги следи почетоците на скопската група Bernays Propaganda, низ секојдневниот предизвик да се живее за музиката и е приказ на подземната историја на скопската рокенрол сцена, на нејзиниот автентичен сензибилитет и неисцрпна креативна енергија.

„The Hip – Reality Overdrive”, Долгометражен видео албум (2015)

Оригинална идеја: Љубиша Петрушевски Режија: Јане Алтипармаков Камера: Наташа Гелева Монтажа: Владимир Петровски Картер, Дарко Стефановски, Димитар Илиевски Настапуваат: Ања Или Ева, Сања Костовска, The Hip.

Овој проект е визуелен ремикс на музиката на кумановскиот алтернативен бенд The Hip. Колаж на влијанија, произлезени од литературата, филмот, сликарството. На друго ниво пак, се работи за внатрешно патување. Себеиспитување. Самоанализа, себепронаоѓање. Кулминација на сензациите. Естетски омаж. Уживање во Уметноста