Изџвакана комуникација меѓу партнери, родители и деца: Емотивен расказ во мелодија на Дани

ИЗВОРскопје24
|

„Четири ѕида“ е новата нумера на Дани Димитровска. По албумот„Град за љубов“ со поп-џез призвук, една од највредните пејачки на нашата естрада се враќа на својот претпознатлив рок-стил. Очекувано, како автори на проектот се потпишуваат брачниот тандем Весна Бабамов Малинова и Кирил Бабамов, кои всушност својот потпис го ставаат на речиси целиот музички опус на Дани.

– „Четири Ѕида” е емотивен расказ во мелодија, споделено искуство, исповед. Преживеани изџвакани комуникации барем еднаш во животот помеѓу партнери, родители и деца, брат и сестра, кој како ќе се пронајде. Секогаш се пронаоѓаме кога зборуваме вистина. Љубов е суштината. Секогаш. Во секоја песна, па и во оваа – вели Дани.

За новата песна сними и интересен спот во кој е облечена во мантилот кој ќе ја одбележи есента. Видеозаписот е дело на филмското дуо Пеце Здравковски и Ѓорѓи Вацев, а за потребите на ова видео темпераментната рокерка го промени својот изглед, па наместо кожни панталони и црни маички, ја гледаме во едно скроз поинакво издание. Во меѓувреме, пејачката ја доведе линијата до совршенство со диетата која им ја откри и на нашите читателки.

Дани неодамна се врати од Каиро каде одбележа 12 години активна работа како „UN Celebrity Ambassador“ во доменот на ширење свест за човечките права. 2019 е јубилејна година за неа. Во март својот солистички концерт во Македонска филхармонија го посвети на 20-те години музичка кариера.

Извор: zenskimagazin.mk