ЈОХАНЕС Д. РАИ ‒ За иднината се важни младите

Конрад Аденауер е симбол на демократската обнова на Германија, основач на визијата за обединета Европа насочена кон социјална пазарна економија. Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) е основана во 1955 година како Друштво за христијанско-демократско граѓанско образование, а во 1964 година е преименувана по првиот канцелар на повоена Германија. Во 2000 година Фондацијата го отвора и своето претставништво во Република Македонија и уште од тогаш е голем пријател и поддржувач на земјата и македонските граѓани. Главна целна група на КАС во Република Македонија се младите и политичкото образование. Во нашата земја редовно одржуваат семинари и конференции на кои учесниците од земјава не само што добиваат знаење туку и остваруваат контакти со колегите од останатите земји од регионов и од Европа.

Веројатно малкумина од вас знаат дека КАС како Фондација секоја година стипендира млади и надежни студенти, кои во иднина би имале одлична подлога за да се издигнат во своето општество и истото да го подигнат на повисоко ниво. Она што е интересно е дека генерално стипендистите на различни странски организации во нашата земја честопати се поврзуваат со партиски активизам во некоја од политичките партии во Република Македонија, па затоа Скопје 24 реши да разговорa со господин Јоханес Раи, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Република Македонија, а сè со цел да ја доближи работата на КАС до младите во нашето општество и до обичните граѓани.

Господин Јоханес Раи веќе три години живее во нашата земја и како што вели тој веќе се навикнал на нашиот менталитет, па ни откри и некои лични желби и работи кои го поврзуваат за оваа земја. Зборуваше и за тоа што очекува во иднина од нашата земја, за влезот во ЕУ и НАТО, за тоа како нè опишува како народ, за контактите и пријателствата, како и за она што најмногу му се допаѓа тука.

1. Кажете ни нешто повеќе за Фондацијата Конрад Аденауер и кои се нејзините цели?

‒ Во Германија има различни политички фондации, но овој модел, всушност, го има само кај нас. Секоја партија во Германија има своја политичка фондација, ние како Фондација Конрад Аденауер сме именувани по првиот германски канцелар по Втората светска војна и сме блиски до Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Покрај нашата Фондација, во Германија постојат и други политички фондации, како, на пример, Фридрих Еберт, која е блиска до социјалдемократите итн. Особеност на германските политички фондации е тоа што тие се блиски до партијата, меѓутоа не се финансирани од страна на истата. Финансирани се од различни министерства на Владата на Сојузна Република Германија. Тоа значи дека иако во раководството имаме членови на ЦДУ, парламентарци кои се во Бундестагот, па дел од раководството е дури и актуелната канцеларка г-ѓа Ангела Меркел, сепак, сме независни во нашето дејствување. И овде во Македонија различни партии имаат институти кои се блиски до нив, но тие тука, всушност, се основани од партијата и со тоа не се целосно независни. Зошто го имаме овој модел во Германија? Главната цел која ни е дадена е унапредување на демократијата, политичко образование и добро владеење на правото, и во однос на ова работиме главно во полето на политичката едукација. Тоа е, всушност, нашата прва цел, политичко образование за граѓаните, без разлика од каде потекнуваат, на која возраст се или кој пол се. Како Фондација блиска до ЦДУ, и втора наша цел на глобално ниво е да воспоставуваме врски со партии кои ги делат нашите вредности, секако, доколку постојат во земјите каде што сме присутни. Во Македонија тоа би значело дека ние соработуваме со ВМРО-ДПМНЕ која е конзервативна партија и која е членка на Европската народна партија. Кога зборуваме за работата со граѓаните на Македонија, работиме најмногу на полето на европските интеграции и доближувањето до НАТО, а многу сме активни и во поддршката на меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог.

2. Како Фондација одржувате работилници, семинари и конференции за млади луѓе од оваа земја, колку, всушност, младите се заинтересирани и информирани за нив и се борат ли доволно за своите права и слободи?

‒ Навистина е така, нашата главна целна група се младите луѓе, затоа што веруваме дека иднината можеме да ја обликуваме само со помош на младите. Според мое лично искуство, бидејќи веќе три години сум во Македонија, можам да кажам дека младите се оние кои се поотворени, потранспарентни и полиберални за разлика од постарите генерации. Што се однесува до постарата генерација, тоа е генерација која делумно ја има доживеано и војната, распадот на Југославија и кај неа сè уште се присутни чувствата на отворени рани и е многу потешко да се води разумен политички дијалог. На моја голема радост можам да кажам дека многу граѓани во Република Македонија се општествено и политички ангажирани и затоа со нив соработуваме многу, а особено на регионално ниво. Како Фондација во светот имаме преку 100 претставништва во светот, во Западен Балкан сме исто така присутни во секоја земја. Секоја година ги контактирам колегите од Западен Балкан со цел да номинираат млади, активни и ангажирани граѓани кои ги каниме на нашите семинари во Македонија. Минатата година во Охрид имавме настан на кој главна тема беа меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог, каде што имавме млади учесници од 9 земји од регионот и каде што една недела имаа време да разменат мислења за различни прашања и да подискутираат по однос на религијата и етникумите.

3. Бидејќи една од целите е интеграција на земјите во Европска Унија, тоа подразбира и влегување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а РМ од 2005 година има кандидатски статус за членство во ЕУ, според Ваше мислење каква е ситуацијата сега и кога е можно пристапувањето на нашата земја во ЕУ и НАТО?

‒ И тука работиме многу со младите, веќе 3 години организираме средби, конференции и семинари со студенти и професори од Грција. На наша покана тие доаѓаат во Македонија на неколку дена и мислам дека со тоа правиме нешто добро, затоа што целта е да ги поврземе луѓето. Политиката е едно, меѓутоа целта е да ги приближиме луѓето и да придонесеме да бидат заедно и преку разговор да ги отстранат можните предрасуди. Што се однесува до НАТО и ЕУ интеграциите тоа е тема која моментално е многу актуелна, и новата влада е ангажирана околу ова прашање. Од 2009 година од Европската комисија ја добивте препораката за отпочнување на преговорите, но поради несреќниот спор со името интегративниот процес е доста забавен. Новата влада е активна на ова поле, што е за поздравување, и имам чувство дека со помош на Европската Унија е можна согласност со Грција по ова прашање. Лично си посакувам малку поотворен дијалог и во двете земји по ова прашање, а особено во Македонија. Кога велам отворен дијалог мислам на дијалог помеѓу владата, опозицијата, експертите, граѓаните и невладиниот сектор. Што се однесува на прашања кои се од национален интерес, сите општествени и политички актери мора да бидат заедно во сето тоа. Во политиката мора да постои еден инклузивен пристап, особено што се однесува на дијалогот помеѓу власта и опозицијата. И тука би си посакал подобар дијалог и поголема транспарентност. Прашувате колку време би ѝ требало на Македонија за да пристапи во ЕУ и НАТО, на што јас би рекол дека доколку се реши прашањето со името, мислам пристапувањето во НАТО би се случилo веднаш. Пристапувањето во ЕУ е нешто покомплициран процес, тоа е процес кој може да трае и до 10 години. Колку што се сеќавам процесот со Хрватска траеше 7 години, со Бугарија и Романија 4 години, а главно сè зависи од реформските процеси во Македонија. Тука би сакал да го споделам и моето лично мислење, затоа што сметам дека е исклучително важно Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Веќе 3 години сум тука и немам сретнато млад човек кој има изјавено дека не се чувствува како дел од Европа. Сите млади луѓе со кои сум зборувал ја гледаат иднината во ЕУ и мислам дека ЕУ, исто така, треба да продолжи во тој правец за и на младите да им понуди перспектива.

4. Со својата работа, исто така, стипендирате и млади и надежни луѓе од нашата земја, по кои критериуми се бираат тие и што се очекува од нив во иднина?

‒ Како што веќе истакнав, младите се нашата главна целна група. Ние навистина сме присутни и на универзитетите и во училиштата. Таму работиме со младите луѓе, од една страна, за да го објасниме моделот на демократија, но, од друга страна, и за да ги мотивираме младите да земат учество и да станат активни граѓани на ова општество. Тука имаме голема можност за поддршка на млади и талентирани луѓе. Од 2000 година, кога е отворена Канцеларијата во Македонија, имаме поддржано над 130 млади студенти, преку нашата програма за стипендирање. Тоа се стипендии за оние кои студираат тука во земјава. Моментално имаме 15 вакви стипендии, но има и уште една можност, која многумина не ја знаат. Со неа млади студенти имаат можност да бидат поддржани од наша страна и да продолжат со втор и трет циклус студии во Германија. Големото прашање е кого избираме ние. Во последните години од медиумите имав можност да прочитам дека ние како политичка фондација поддржуваме претежно млади студенти кои се политички активни и припадници на одредена политичка партија, но тоа не е така. Само 20 проценти од студентите кои ние сме ги поддржале се, всушност, членови на одредена политичка партија. За нас е најважен општествениот ангажман на апликантите. Одлучувачко за нас е дали тие се општествено ангажирани, дали ќе сакаат да бидат ангажирани, без разлика дали е тоа во партија или во невладини организации, во општеството општо или во здруженија, а не дали се активни во партија или не. Она што го очекуваме од оние кои сме ги поддржале со стипендии е да останат во контакт со нас, да се залагаат за една жива и слободна демократија и за оние вредности за кои и ние се залагаме и истите да ги промовираат. Силната страна на политичките фондации не се финансиите, нашата предност е, всушност, мрежата која ја поседуваме. Ја поседуваме блискоста до политиката во Германија, но, исто така, имаме и блиски контакти и со професори, експерти и научници, од различни организации и институции на светско ниво. Секако, оваа мрежа ја вмрежуваме со онаа која ја имаме тука во Македонија. Во суштина, ние сме оние кои ги градат мостовите помеѓу нашите земји и притоа парите не играат голема улога.

5. Како се избираат претставништвата, односно зошто КАС избра да има свое претставништво токму во Македонија и каква е вашата соработка со институциите и организациите во РМ?

‒ Во 50-тите години од минатиот век, кога сме основани како Фондација во Германија, основната цел беше на нашите граѓани да им ја пренесеме идејата за тоа што значи демократија. Но, во 60-тите години кога се случи економското чудо и социјалната пазарна економија се постигна еден вид на благосостојба во Германија, многу влади од други земји изразија желба и барање нашето политичко и економско знаење да го пренесеме и кај нив. Доколку се има предвид дека во 1945 година бевме разурнати, а во 60-тите имавме енормен економски пораст и благосостојба, сосема е разбирливо дека од останатите влади се покажа интерес за споделување на овој модел применет во Германија и остварување контакти. На тој начин во 2000 година ја отворивме Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, како што претходно тоа беше и случај со Фондацијата Фридрих Еберт. Тоа претставуваше голема чест за нас и од тогаш соработуваме со различни партнери од земјава, од невладиниот сектор, универзитетите, училиштата, а, се разбира, и со институциите и Владата. Би сакал уште еднаш лично да истакнам дека најважно во нашата работа е политичкото образование на граѓаните. Јас имав можност и чест претходно да ги водам Канцелариите на КАС во Монголија, Гана и Малезија, па можам да кажам дека честопати во светот се потценува една работа, а тоа е значењето на образованието, на политичкото и на општото образование. Доколку една земја сака да оди напред, образованието мора да биде главна цел на таа земја, државата мора да инвестира во знаењата на своите граѓани.

6. Во Македонија сте веќе неколку години, како би ја опишале Македонија и нашиот народ во неколку реченици?

‒ Точно, во Република Македонија сум веќе три години и од кога дојдов луѓето ме прашуваат како ми се допаѓа тука. Секогаш одговарам дека кога мислам за Македонија за мене чашата е постојано половина полна. Животот е секогаш споредба, без разлика дали се работи за приватниот или за професионалниот живот. Затоа што имав можност да живеам и во други делови од светот, како Африка, Централна и Југоисточна Азија, можам да кажам дека во Македонија е многу едноставно да се живее. Доколку добро сметам, Македонија е веќе 26 години независна држава, но имам чувство дека самата држава, но и граѓаните, се во потрага по својот идентитет, по вистинското место во Европа и тоа го отежнува понекогаш дијалогот. Сепак, ние како Германија и како организации тука сме признаени и нашата работа е мошне ценета од граѓаните на оваа земја. Од она што јас го знам постои навистина поврзаност и комуникација меѓу нашите земји, бидејќи околу 70.000 Македонци живеат во Германија. Колку што ми е познато и првиот претставник на Фондацијата тука се ожени со Македонка и јас самиот имам Македонка за пријателка, а, секако, тоа не би било така доколку би имал проблеми со Македонците. Не постојат Македонците како Македонци, како што не постојат ниту Германците како Германци. Постојат фини Германци, и помалку фини Германци, и, исто така, постојат помалку љубезни Македонци, како што постојат и љубезни Македонци. И како што во Германија имам негативни искуства, така и тука имам негативни искуства, но, секако, тука е и вашето гостопримство што ми се допаѓа. Секојдневната работа е многу лесна, тука во тимот имаме лојална соработка, се почитуваме едни со други и сето тоа тече без никакви проблеми. Споредбено со другите земји во кои сум бил, можам да кажам, еве за пример, тука инфраструктурата е прилично добра, иако не е баш најдобра, постојат проблеми како што е негрижата за животната средина и загадувањето на воздухот во зима, но тоа во други земји верувајте е и полошо. Во Македонија прилично добро може да се живее.

  1. Германија е држава во која живеат повеќе националности, во Македонија исто така, меѓутоа менталитетот на овие простори е многу поразличен, на што најтешко се привикнавте откако дојдовте тука?

‒ Она што е најтешко за мене тука е тоа што општеството и политиката се екстремно поларизирани. Како во политиката така и во општеството, но и во економијата, важи правилото или си со мене или си против мене. Она што ми недостига, всушност, е компромисот, особено во политиката. Ми недостига култура на општествен и политички дијалог. Ова не се однесува на личните, меѓучовечки односи, ова се однесува повеќе на работата, бидејќи ние дејствуваме на полето на политиката и општеството и тоа мошне ја отежнува работата. На кој начин можеле да го промениме тоа навистина не знам. Мислам дека е потребно време и би си посакал, особено политиката, да дејствува потранспарентно за интересите на државата, но, пред сè, за интересите на граѓаните. Друга работа која, исто така, ми недостасува тука е поактивниот културен живот, во главниот град особено. Ми недостасува алтернативната сцена и живост во тој аспект.

8. Што е тоа што најмногу Ви се допадна во нашата земја и што според Вас е најголемата предност која ја има Македонија?

‒ Зборувавме за луѓето и сметам дека човечноста е она што е најважно во животот. Јас не би бил тука 3 години, а најверојатно и уште една или две наредни, доколку не ги сакам луѓето. Но, настрана од личните контакти, јас навистина ја сакам храната и македонското вино тука. Како Германец морав да го пробам и македонското пиво и да признаам ниту за тоа не би можел да се пожалам. Пивото поседува добар вкус, само би можело да има поголем избор на пива. Она што навистина го ценам е дека кога патувам низ земјата се чувствувам стопроцентно сигурен. Тоа не е така насекаде во светот. Кога во два часот по полноќ се движите во градот се чувствувате апсолутно безбедно, и тоа лично за мене е многу важна работа, затоа што во некои други земји каде сум бил претставник тоа не било случај.

9. Македонија изобилува со прекрасни природни убавини, ја истраживте ли Македонија за ова време и кој предел Ви остави најголем впечаток?

‒ За жал, имам повеќе работа бидејќи сум одговорен и за нашата Канцеларија во Косово, па немам многу време, но, сепак, успеав да посетам голем дел од вашата земја, видов многу краеви и како што и самите кажавте природата е прекрасна. Затоа што сум религиозно воспитан, а имам и историски предзнаења, можам да кажам дека особено ми се допаѓаат кај вас старите манастири и градови. Кога патувам во Источна, Североисточна и Јужна Македонија, во оние порурални средини, особен впечаток ми остава гостопримството на кое наидувам. Кога ќе побарате помош таа често ви се нуди, луѓето дури и ве канат во своите домови, иако се работи за посиромашни краеви. Тоа гостопримство најмногу ме зачудува. Она што ми недостига, пак, кога патувам низ Македонија е тоа што дел од културните установи или се затворени или не се добро сочувани. Секогаш во селата или во малите градови мора да најдете некој човек кој ќе ви ја отвори црквата или музејот, што понекогаш не ми се допаѓа, но, од друга страна, пак, на тој начин стапувате во контакт со луѓето. Истото тоа ми пречи и во Скопје. Некои јавни објекти, па и Градскиот парк, се навистина несочувани. Секој втор или трет ден џогирам во Градскиот парк и колку ѓубре има насекаде тоа е едноставно невозможно. Ние работиме и во сферата на заштита на животната средина, особено на тоа чувството за заштита на средината да се развие кај младите, но на тоа поле има уште многу да се работи. Доколку се видат и новите зданија во центарот на Скопје, може да се забележи дека постои еден вид мувла и прашина, бидејќи тие не се одржуваат редовно. Во Македонија расте бројот на туристи, но градот мора да се разубавува. Би сакал градот, државата, но и граѓаните малку повеќе да се грижат за местото каде што живеат, затоа што тоа е многу важно и на истото треба да се работи.

  1. Доколку работата не би ве врзувала со оваа земја, би ја посетиле ли повторно Македонија?

‒ Се разбира. По толку години имам стекнато и голем број пријатели, а кога се напушта земјата морате да кажете збогум и на луѓето со кои сте оствариле контакт и со кои сте се спријателиле во тој период. Тоа ми е веќе еден вид навика по десетина години да дојдам и да ја посетам земјата во која сум работел, за да видам како земјата и луѓето се развиле во меѓувреме.

(Наталија Јосифоска)