Како е да се работи и живее во Катар ?

ИЗВОРСкопје24
|

Многу Македонци бараат и заминуваат на печалба во Катар. Повеќето од нив не знаат што да очекуваат по пристигнувањето. Од таа причина ви презентираме интервју со наш сограѓанин кој работи во Катар веќе 2 години:

ДОАЃАЊЕТО ВО КАТАР

Долетавме преку Истанбул со Туркиш Ервејс во јули 2010 г. Јас го имав стандардниот проблем секогаш кога летам со Турците, бидејќи секогаш мислат дека сум еден од нив и ми се обраќаат на турски. Овој пат беше некој стјуард во авионот кој не ми поверува и дури третиот пат сфати дека треба да ми се обраќа на англиски, како и на сите останати. Конечно слетавме. Во временска зона со еден час понапред од нас.

Температурата во Доха таа вечер беше 38 степени. Првиот впечаток? Иако аеродромот е доста модерен, процедурите слични како и на другите аеродроми, сепак ми се чинеше дека слетавме на друга планета, на пример, како на Марс во продолжение на филмот „Целосно отповикување“ (Total Recall), каде атмосферата штотуку се формира или нешто слично.

Нè пречека возач на компанијата, Башир – беше Индиец. На паркингот на аеродромот забележав дека имаше паркирано само „добри“ возила, според нашите мерила – Тојота, Нисан… И нашето беше некој „бесен“ џип, висок и огромен, каде би можела да се смести целата црногорска емиграција и да има место за сите. Се сместивме во куќите и вилите на фирмата. Секој имаше своја соба со бања, а на приземје имаше огромна дневна соба со трпезарија и кујна, кожни гарнитури и ТВ приемник. Првото нешто што го забележав е дека ништо не беше заклучено. Се сместив и ја преспав ноќта.

ФИРМАТА

Поспавме малку подолго, а потоа дојде возачот и нè однесе до фирмата. Таму се запознав со сите, ја поминав целата фирма и, како по обичај, не запомнив ниту едно име. Работата не беше ништо посебно од стручен аспект, но затоа имаше многу папирологија и процедури. Ќе ми требаа неколку седмици за да сфатам како функционира сето тоа. На работа се оди и се враќа со компаниски автомобил. Требаше наскоро и јас да добијам свое возило. Се работи 6 дена во седмицата, освен петок.

ЖИВОТОТ ВО ДОХА

Овде животот без клима уред е незамислив, ужасно е жешко и затоа постојано насекаде работат огромни клима уреди, во секоја просторија, во секоја зграда, во автомобил. Овде клетвата е „да даде Господ да ти се расипи климата“, бидејќи нема поголема несреќа од тоа. Човек не може да прошета, а камоли да џогира. Во собата каде што спијам, како и сите други места, климите постојано работат 24 часа на ден. Преку ден надвор е околу 50 степени, па дури и продавниците се затвораат неколку часа секо попладне, а престануваат и работите на градилиштата. Навечер температурата паѓа на околу 35 степени.

“Doha skyline is an excellent place to visit. A unique architecture buildings that situated at west bay. Skyscrapers are illuminated at night & business centre in the day. – Shutterstock “

На славината има топла и жешка вода. Ладна нема. Невозможно е човек да се истушира со толку жешка вода. Така е бидејќи секој објект има резервоар со вода директно изложен на сонце и водата делумно се оладува пред утрото. Денес дознав дека доколку платиш за да се изолира резервоарот нема да имаш такви проблеми, но ретко кој го направил тоа. Имав среќа да ме сместат покрај „компаундот“, спортски комплекс во сопственост на фирмата и нејзините вработени може бесплатно да го користат. Или во превод, бесплатен тенис и базен од 8 до 22 часот. Одам на базен секој ден после работа, а во петокот поминав половина ден таму.

Базенот ми е оддалечен две минути пеш – прилика што не се пропушта. И нели, сè е тука наопаку, па така и водата во базенот мора да ја ЛАДАТ за луѓето да може да пливаат во него. Целиот комплекс е отворен, а внатрешните простории се климатизирани, опремени со плазма телевизор и кожни фотелји на спуштање и фрижидери, а сето тоа по поволна цена т.е. за џабе. Сè уште сум под впечатокот од фактот дека сите куќи, вили и дворови никогаш не се заклучени. Ништо никогаш не се заклучува и ништо не се краде, а автомобилите немаат аларми. Дури и фирмата и целокупниот нејзиниот имот е постојано отклучен и може да појдеш таму и на сред ноќ.

НЕМА КРИМИНАЛ, НО ИМА СООБРАЌАЈКИ.
Пливањето во морето во ова време од годината е невозможно, морето е плитко, а водата е жешка и полна со медузи. Доха е голем град, со нови патишта, инфраструктура и згради. Граден е во форма на полупрстени со попречни улици – значи, плански. Улиците се фантастично широки, а многу од нив имаат по три сообраќајни лента само за една насока. Сообраќајот не е оптоварен , ама затоа се вози многу лудачки. И тука се вози катастрофално. Ретко кој вклучува трепкач, постојано има судири, а трките на улиците се вообичаени, особено кога станува збор за локалците. Доха е со причина градот со огромен број сообраќајни несреќи. Па, не е ни чудо што видов две сообраќајки за само оваа недела додека сум тука.

Катарците се малцинство помеѓу жителите, ама се меѓу најбогатите и само тие имаат законско право да поседуваат земја. Ќе ги забележите бидејќи носат само традиционални долга, бела облека со „шал“ на главата. Жените носат црни одори и најчесто лицата им се скриени. Тука има многу странци, што е веднаш воочливо. Најмногу има Индијци, Филипинци и Пакистанци. И храната е исто така доста разнообразна, иако јас избегнувам да експериментирам.

На пауза на работа најчесто се оди да се јаде во некој од ресторанчињата. Нашите и србите најмногу јадат кај еден Индиец, на кој му го дадоа славниот прекар Миле Тровач или во еден турски ресторан, кој е малку подалеку и каде има подобра храна, ама е и поскапа. Турската храна е слична на нашата (служат дури и некој вид на туршија), но јас и понатаму тврдам дека нашата и кинеската храна се најдобри. Сепак, никогаш не ми сметало и нема да ми смета да уживам во разни видови храна.

Во Доха има неколку големи трговски центри . Цените по маркетите се значително повисоки, а поевтини се само водата (!) и бензинот. Водата е двојно поевтина, а бензинот 5 до 7 пати. Изборот во маркетите е ист како и кај нас. На прв поглед, како и секаде во странство, ви изгледа дека е поголем, но со текот на времето ви станува јасно дека е само поразличен. Техниката е поскапа и не е препорачливо да се купува што било освен телевизор.

Метежите во трговските центри се вообичаено нешто и токму тука станува очигледно колку овој дел од светот се разликува од остатокот. На пример, вчера на паркингот пред маркетот видов паркиран џип со леопард на совозачкото седиште. Интересни беа да се видат реакциите на луѓето кога сфатија дека таму зад стаклото седеше вистински жив леопард.

Добре дојдовте во арапската земја на песокот, природниот гас и нафтата