КАЛЕНДАР НА МПЦ: Денеска е Св. рамноапостолна Нина Грузиска и св. Сава

ИЗВОРСкопје24
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 јануари. Денеска е Св. рамноапостолна Нина Грузиска и св. Сава.

Света Нина потекнува од благородничко кападокиско семејство. Од мала била воспитана во Христовиот дух. Подоцна отишла во Грузија, го покрстила грузиското царско семејство и до крајот на животот (335 г.) ја обиколила цела Грузија, проповедајќи го Христос. Света Нина е просветителка на Грузија. Има слично значење како свети Кирил и Методиј словенските народи. Кога слушна за грузискиот народ, света Нина, уште малечка, сакаше да отиде во Грузија и да ги покрсти Грузијците.

Ѝ се јави Пресвета Богородица и ѝ вети дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отвори патот, младата Нина навистина отиде во Грузија, каде што за кусо време стекна голема љубов на народот. Успеа да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагаа света Нина во мисионерската работа.

Денес се слави и свети Сава, првиот српски архиепископ. Бил син на великиот жупан Стефан Немања. Ги презрел богатството, почестите и царското достоинство и се замонашил на Света Гора. Неговиот пример подоцна го следи и татко му, кој во монаштвото ќе го добие името Симеон. Свети Сава го напушти овој свет во 1236 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Анџела Мерици.

Била родена во 1474 година, во Десанзан. Во скромно селско семејство, како млада девојка, нејзините современици ја оцениле како многу мудра и подготвена да им помогне на сите. Големите очекувања ги оправдала со основањето на Друштво на сестри на света Уршула, институции за воспитување и верско поучување на млади свети девојки, напуштени од своите родители. Св. Анџела Мерици била наречена претходница на современите педагози. Го напуштила овој свет во 1540 година. И се молат жените за воспитување на нивните деца.