Ќе настане хаос: И дел од „Партизански одреди” утре затворен за сообраќај поради градежни работи

ИЗВОРСкопје24
|

Град Скопје ги информира граѓаните дека поради изведување на градежни работи на дел од булеварот „Партизански одреди“, утре, недела, 14.07.2019 година, ќе се воведе привремен сообраќаен режим.

Поради нанесување на завршен асфалтен слој на дел од трасата на булеварот „Партизански одреди“ од мостот „Обединети Нации“ до ул. „Московска“, целосно за сообраќај ќе биде затворен делот од булеварот од кружниот тек кај Порта Влае до крстосницата со улица „Московска“ (кај ТЦ Сити мол), во правец на движење од Ѓорче Петров кон Центар. По трасата во спротивниот правец сообраќајот ќе се одвива непречено.

Времениот режим ќе се реализира доколку тоа го дозволат временските услови за извршување на асфалтирањето, а истото ќе биде во сила до завршување на градежните активности.

За време на привремениот режим, автобусите на ЈСП кои сообраќаа по овој дел од бул. „Партизански одреди“, ќе се пренасочат преку ул. „Адолф Циборовски“ и бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а ќе се вратат на нормалната траса преку ул. „Московска“.

Асфалтирањето се врши во рамките на проектот за реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот „Партизански одреди”, на потегот од крстосницата со булеварот „8.Септември” до мостот „Обединети нации“, на должина од два километри.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолуваат сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.

Поради снимање на реклама, утре и задутре ќе се пренасочува сообраќајот во центарот на Скопје и Аеродром

На 14 и 15 јули, во недела и понеделник, во времето од 19 до 6 часот, поради снимање на рекламен спот од „Пигменто студио“ од Скопје, Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.

Од МВР информираат дека снимањето ќе се врши на дел од булеварот „Гоце Делчев“ од крстосница со улицата „Лазар Личеноски“ до крстосница со булеварот „Филип Македонски“ (00:30 – 04:00 часот), дел од улицата „Димитрија Чуповски“ од крстосница со булеварот „Даме Груев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ (23:30 – 01:00 часот), дел од булеварот „Св. Кирил и Методиј“ од крстосница со булеварот „Кочо Рацин“ до влез во ТЦ Рамстор (00:30 – 04:00 часот) и дел од булеварот „Јане Сандански“ од крстосница со булевар „Србија“ до влез во ТЦ Капитол (02:00 – 04:00 часот). За таа цел, како што велат од МВР, сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.