Костени, мирис на есен и детство: Дознајте колку овие јаткасти плодови се корисни за здравјето

ИЗВОРСкопје24
|

Без оглед на високата калориска вредност (100 грама печени костени имаат 245 калории), за разлика од другите јаткасти плодови, како што се оревите, бадемите и лешниците, имаат помал процент на маснотии.

На многумина костените се омилено есенско благо, но треба да се знае и дека се многу корисни за здравјето. Поради високата хранлива и енергетска вредност се препорачува на деца, спортисти, бремени жени и постари лица.

Овој јаткаст плод е богат со витамини А, Б и Ц а содржи и калиум, фосфор, калциум, железо, магнезиум, бакар, сулфур… Многу е ефикасен во проблеми со бубрезите и дигестивниот систем. Чај од костен ги ублажува симптомите на астма и бронхитис, а може да се консумира и во супа или салата.

Подготовка на костените за варење или печење

Кога купувате костени, треба да знаете дека тие треба да бидат сјајни и цврсти на допир. Без разлика дали ќе ги печете или ќе ги варите
костените, најпрво со остар нож пресечете во форма на буквата Х, тоа е важно затоа што за време на печењето костените можат да испукаат. Пресечените костени ставете ги во сад со ладна вода за време од 45 минути. По желба може да додадете сол и зачини во водата.

Варени костени
Најлесниот начин е да ги сварите костените. Ставете ги во сад со ладна вода и варете ги на оган на средна температура за време од 15 до 20 минути. Кога кората ќе почне да се отвора, а костените се меки, садот тргнете го од оган.

Печени костени во рерна

За да ги испечете костените, загрејте ја рерната на 220 степени. Во тавата за печење ставете алуминиумска фолија, а потоа додадете ги
костените. Костените печете ги за време од 15 до 20 минути, додека добијат светло кафеава боја и се отвори кората.

Печени костени во тава

Костените исто така може да ги испечете во перфорирана тава. Печете ги на оган на средна температура за време од 15 минути. За време на печењето, превртете ги костените за да се испечат од двете страни. Кога костените ќе се испечат, оставете ги кратко да се изладат за време од 5 до 10 минути, а потоа излупете ги. Важно е да ги излупите костените додека се топли, а ако се изладат, тогаш многу потешко ќе може да ја отстраните кората