Крушево ги доби протоколите за прославата на Илинден

ИЗВОРСкопје24
|

Крушево ги доби протоколите од Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести за прославата на Илинден и на 11- годишнината на Илинденското востание. Според градоначалникот на Крушево Томе Христоски кој е и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ ќе се прославува без големи собири, поскромно, ама достоинствено.

– Протоколите детално ги објаснуваат безбедносните мерки при прославата. Секако дека ќе им се оддаде почит и ќе се положат свежи цвеќиња на Илинденците и на хероите, на месноста Слива, во македониумот каде е гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев, на Мечкин Камен каде е централната прослава. Ќе има обраќање, годинава заедно со Крушево, домаќин на прославата е републичкото собрание и се очекува обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери. Ќе има гости: владини претставници, од политичките партии, од дипломатскиот кор, но, се ќе биде според протоколот за држење растојание, носење заштитни маски, дезинфекција. Полагањата ќе бидат побрзи, на растојание. Вечерта на први август на Гумење, традиционално ќе бидат отворени „10 дена Крушевска Република“ со подигнување на бајракот на Републиката, достоинствено, но манифестацијата ќе нема културни настани за да се избегнат групирањата. Ќе пристигнат коњаниците кои треба да тргнуваат од понеделник, објансува Христоски.

Секој што сака може да дојде на одбележувањето, на 2 август во Крушево, но со спроведување и почитување на заштитните мерки.

– Редари ќе се грижат да се почитува растојанието, ама и ги замолувам граѓаните да се придржуваат на редот и протоколот. Секако и пристигнувањето и заминувањето од Крушево ќе биде според пропишаните протоколи за транспорт, вели Христоски.

Крушево сака да ги има посетителите па и за празниците, но мора и да се почитуваат мерките.