Лажни се сите денешни дојави за наводно поставени експлозивни направи, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи, откако нивните тимови завршиле со сите потребни проверки.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави по добиените пораки на електронски адреси со закана за наводно поставена експлозивна направа во институции, училишта, хотели и згради во Скопје и едно училиште во Прилеп, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, се наведува во соопштението.
Полициските екипи денеска имаа многу работа бидејќи покрај во училиштата, дојави за наводно поставени бомби беа пратени на голем број објекти, меѓу кои и претседателската резиденција вила „Водно“, трговски центри, хотели, а заканувачки пораки за прв пат беа пратени и до неколку медиуми.