Снежна бура се најавува од вчера и се очекува денеска да ја погоди Велика Британија, а прогнозите велат дека таму би можеле да наврнат дури 38 сантиметри снег.
Државниот хидрометеоролошки институт на Англија најавува дека во следните два дена ќе падне обилен снег, кој притоа би можел да го наруши патниот и авиосообраќајот, а некои рурални области да останат и без електрична енергија поради невремето. Исто така, постои можност интернет-сообраќајот во некои моменти да биде отежнат или дури и оневозможен.
Според прогнозите, најлошо ќе поминат централна и северна Англија. „Скај њуз“ пишува дека метеоролозите предвидуваат оти во Јоркшир, на северот на Англија, снег би можел да паѓа 31 час без прекин. Метеоролозите велат и дека до петок снежна покривка ќе го покрие поголемиот дел од Англија, а споменатите тешки временски услови ќе се случат денеска околу 15 часот.
Температурата измерена во вторникот вечерта беше најниска годинава, а се очекува и понатаму да паѓаат под нулата. Во селото Кинбраис на северот на Шкотска во вторникот беа измерени минус 15,4 °C.
Портпаролката на Англискиот хидрометеоролошки институт, Никол Максеј, изјави дека арктичкиот морски воздух се приближува кон Англија од север и дека токму тој ќе ја предизвика снежната бура, што ќе ја зафати Велика Британија до крајот на неделата.
Предупредено е дека на места може да има снежна бура.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) издаде предупредување за цела Англија и ќе биде во функција до раните утрински часови в петок. Исто така, од тамошниот автомото-клуб соопштија дека на сите патишта во деловите што ќе бидат зафатени од зимското невреме се очекува колапс на патиштата.