Лила е вистинска лавица: По пет часа операција со дренови се шетала во Истанбул, наместо да лежи во болница

|

Водителката Лила Филиповска за прв пат за магазинот „Убавина и здравје“ ја отвори душата и раскажа за тешките моменти кои ги преживеала во борбата со ракот и за операцијата која ја направила во Истанбул.

Таа објави дека сега е здрава и оти не потклекнала во ни еден момент, па дури и по операцијата лавовски со дренови се шетала низ градот со нејзината пријателка, наместо да лежи во болница.

– Операцијата траеше 5 часа и помина успешно. И додека некои мислеа дека во истанбул сум на шопинг, јас бев на операција. Иако, морам да ви кажам, неколку дена по операцијата морав да чекам да ми ги извадат дреновите, но јас не лежев туку шетав низ истанбул со другарка ми и со три дрена во џебовите.

На прашањето дали смета дека на фановите треба да и го открие својот проблем и да им се исповеда таа вели:

Кога ќе помислев колку многу жени го поминале или го поминуваат мојот пат, си велев дека не морам сега да ги заморувам луѓето со мојот здравствен проблем. Што би се случило кога сите би давале интервјуа за своите проблеми?! Од друга страна, пак, веќе 25 години ја споделувам мојата интима со публиката, раскажувам за моите патувања, препорачувам производи и сметав дека е чесно да кажам дека се соочувам со сериозен здравствен проблем, дека ми дијагностицираа канцер на дојка и дека болеста не избира! Знаете, кога ја слушнав дијагнозата, бев во тотален шок! Можеби и ќе вриснев, но останав без глас.

Првата помисла ми беше: дали е ова мојот крај? Уште колку имам? Потоа се сетив колку многу жени има што ги познавам и кои излегле како победници. Ми поминуваа разни мисли, но, за среќа, тоа траеше кратко. Само зедов здив и ја прашав мојата пријателка, доктор Вики: Што прво треба да се направи? Од каде да почнам? Се фокусирав на патот што ме очекуваше и се трудев да размислувам позитивно. Среќна сум што имам неколку добри, вистински пријатели кои ми се како семејство, кои беа покрај мене и ми го олеснија патот.