Љубов преку балкон за време на полициски час: Тие се модерните Ромео и Јулија

ИЗВОРСкопје24
|

Италијанската двојка медиумите ја нарекуваат „модернитe Ромео и Јулија“ затоа што се запознале преку балконот за време на полицискиот час во Верона – a сега ќе се венчаат.

Микеле Д’Алпаос (38) и Паола Ањели (40) веројатно ќе ја паметат 2020 година како можеби и најубавата во нивните животи – состојбата со болеста им донесе голема љубов.

Двајцата Италијанци од Верона се запознале на своите балкони за време на строгиот полициски час, а тогаш и ја почнале својата „врска на далечина“ – слична на јунаците на Шекспир, Ромео и Јулија. Сега тие објавија дека ќе стапат во брак.

Паола Ањели е адвокатка, која првпат го здогледала Микеле кога сите масовно излегувале на балконите, секој ден во 18 часот, да се бодрат едни со други за време на мрачната здравствена криза што ја погоди Италија и целиот свет.

– Ќе се венчаме и веќе го одредивме датумот. Размислуваме да направиме забава на покривот од мојата зграда, тоа би имало смисла, бидејќи се запознавме на терасите – изјавила Паола за „Тајмс“.

За време на карантинот, сестрата на Паола, Лиза, свирела виолина на нејзиниот балкон, песната „We are the champions“ од групата „Квин“, а со неа на терасата секогаш стоела и Паола.

Микеле Д’Алпаос бил фасциниран од неа, па успеал да ја најде на Инстаграм и да ѝ испрати порака. Тие се допишувале секој ден до доцна во ноќта.

Не можеле да се сретнат лично поради ограничувањата среде кризата, па нивната љубов почнала со СМС-пораки.

Приказната за овој пар стана вирална кога Микеле закачил платно на својата зграда, на која било испишано името на неговата љубов Паола.

Конечно се сретнале „лице в лице“ во мај, во еден парк во Верона. Поголемиот дел од својот живот го живееле сами, во зградите што стоеле една наспроти друга, но никогаш не се сретнале сè до полицискиот час.