Мајка на 4 деца избегала од Дубаи и бара азил во Македонија: Нашите власти не и даваат

|

Хинд Алболуки е 42 годишна жена, родена е во Дубаи, а веќе неколку недели е во центарот за странци во Гази Баба. Во Македонија бара азил, бидејќи, како што вели, има закани од нејзиното семејство.

Дојдов во Македонија бегајќи од Дубаи бидејќи имам закани од татко ми, чичкото, брат ми дека животот ќе ми го направат пекол само затоа што побарав развод. Не знаев што да правам, тие дојдоа и ми го побараа пасошот и личната карта, велејќи дека не можат да ми веруваат веќе и сакаа да ми го избришат идентитетот. Кога некој ќе ти го побара пасошот или личната карта тоа значи дека нешто се случува, а јас не сум толку наивна, затоа размислив и избегав. Мајка сум на 4 деца – изјави Хинд Алболуку – барателка на азил.

По барањето за азил, Хинди е сместена во Центарот за баратели на азил во Визбегово. Но со првостепена одлука на 7 ноември 2018, како што велат од МВР, Секторот за азил го одбил нејзиното барање .

Утврдено е дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека именуваната е прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и не постојат причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди – велат од МВР.

За оваа првостепена одлука, на 3 декември 2018, овластените за оваа постапка покренале тужба до Управен суд, но истиот, како што велат од МВР, донел одлука во полза на Секторот за азил. Потоа одлуката се обжалува и во Вишиот суд, но и од таму е донесена полноправна одлука со која се потврдува одлуката на Секторот за азил за одбивање на барањето за азил.

На 7 декември, Секторот за азил побарал на Хинди да и се ограничи слободното движење. Затоа, од Визбегово таа преминала во прифатниот центар за странци во Гази Баба во времетраење од три месеци. Во едно видео објавено на Твитер Хинди ја бара причината зошто е сместена во Гази Баба.

Вашата полиција прашала во повеќе земји, никој не им кажал ништо за мене. Јас никого не сум повредила, за да ме одведат таму, треба да има силна причина. Што имам јас направено надвор од законот, каков криминал сум направила? Јас сум нормална личност која ја бара својата безбедност, животот да не ми биде во опасност – додава Алболуки.

На Хинд Алболуки и се ограничува слободното движење поради опасност за националната безбедност.

Се оценило дека е неопходно да се изрече мерка за ограничување на движење поради заштита на јавниот ред или националната безбедност, во период од три месеци, сметано од денот на врачување на ова Решение.

За оваа одлука Хинди три месеци да престојува во Центарот за странци во Гази Баба, овластените за нејзиниот случај на 12 декември 2018 покренале тужба до Управен суд, а одлука се уште не е донесена, бидејќи постапката се уште е во тек.

На 4 февруари оваа година, како што информираат од МВР, Хинди Албалуки е известена дека постапката за добивање азил завршила со полноправна судска одлука. Со ова, и е даден рок од 15 дена, најдоцна до 19 февруари, таа доброволно да ја напушти Македонија, или да обезбеди услови за нејзин престој како странец во нашата земја. Но несфатливо е како може таа да ја спроведе оваа одлука кога се уште е затворена во Центарот во Гази Баба.

На социјалните мрежи се приложени документи во кои стои дека Хинд е одбиена за азил заради „постоење на опасност по национална безбедност“ и поради тоа можно е за неколку дена да биде вратена во родната земја.