Македонецот Александар Јосифовски нов “фронтмен” на Дивље Јагоде?!

ИЗВОРСкопје24
|

Александар Јосифовкси, македонскиот кандидат во регионалното шоу „Ѕвездите на Гранд“ откако растури во една од последните емисии на шоуто, пред неколку дена успеа да настапи и со легендарната рок група „Дивље Јагоде“.

Александар кој ги освои симпатиите на сите членови на жирито во „ЅГ“ и пошироката јавноста со изведбата на најдобрите рок песни, а благодарение на неговиот ментор Џорџе Давид, сега го оствари својот сон да настапи заедно со „Дивње Јагоде“.

Имено по повод 40 години од постоењето на групата, во Сараево се одржа концертна емисија под водство на легендарниот Желе Липовац и по негова покана и нашиот Александар беше дел од ова специјално шоу. Во шоуто покрај Александар, учествуваше и Младен Војичиќ Тифа и неговата ќерка Сара Војичиќ, а како што вели Јосифовски преголема чест за него е да биде дел од оваа извонредна екипа.

„Самото учество во Ѕвездите на Гранд, по патот на рокендролот, ме донесе до настап со „Дивље Јагоде“. Благодарение на мојот ментор Ѓорѓе Давид, мојот сон стана реалност… Тука заслуга има и целото жири кое ми дава поттик да дадам се од себе во она што го правам најдобро“, вели Александар.

Емисијата ќе се емитува наскоро, а македонската публика ќе има можност истата да ја погледне и преку фејсбук профилот на Александар.

Како што истакнува самиот, за време на неговиот престој во Сараево, менторот Ѓорѓе Давид одржал две проби заедно со кандидатите од Босна и Херцеговина кои се покажале како одлични домаќини.

„Како што се наближува крајот на Ѕвездите на Гранд, се почесто и поцврсто се работи, а со самото тоа очекуваме позитивни резултати. Ѓорѓе сета своја моќ и знаење ги дава несебично, за сето тоа да стигне до нас, неговите кандидати како што треба“, додава Александар.

За потсетување, со неговиот последен настап на шоуто, тој ги освои симпатиите на сите членови на жирито, а особено на пејачката Јелена Карлеуша, која на крајот стана и му честиташе, додавајќи дека тој ќе биде голема ѕвезда.

(Н.Ј)