Македонски мекици: Одлични се за појадок или вечера, само одберете солен или сладок фил

|

Нашите домаќинки знаат да приготват тесто за најмеките мекици што постојат.

Предноста на овој рецепт е во тоа што благодарение на додавањето мала количина на алкохол, тестото нема да го впие маслото во кое се пржи и ќе остане свежо и меко со денови. Исто така, ако не планирате да ја испржите целата количина од приготвеното тесто, можете да го чувате во фрижидер неколку дена.

Состојки: 1 коцка свеж квасец, 125 мл млеко (ако сакате да бидат посни, изоставете го млекото, а додајте повеќе вода), 125 мл вода, 500 г брашно, 50 мл масло + масло за пржење, 1 чашка ракија, рамно кафено лажиче сол, рамно кафено лажиче шеќер.

Приготвување: Загрејте ги млекото и водата за да бидат млаки, па тргнете го садот од рингла, додајте шеќер, здробен квасец и лажица брашно. Сето тоа добро разматете го и оставете го десетина минути за да се активира квасецот.

Потоа, во поголем сад сипете просеано брашно, додајте го активираниот квасец, масло, сол и чашка ракија, па замесете тесто кое би требало да биде помеко од она за кифлички. Оставете го половина час да нарасне, па премесете го уште еднаш, расучете го со сукало и одвојте парчиња со големина на мандарина.

Во тенџере сипете масло, загрејте го, па спуштајте ги мекиците да се пржат. Одвреме-навреме превртувајте ги за да се испржат рамномерно.

Македонските мекици одлично одат со павлака, сирење, ајвар, но и со џем, мед или чоколаден крем.