Македонски мистерии: Куќи со духови, самовили, магични камења, НЛО, гоблини- Има ли вистина во урбаните легенди?

loading...

Одличен текст на Тина Мицковска за Реприза.мк – Ви го пренесуваме во целост

Од секогаш луѓето сакале да си раскажуваат страшни приказни за натприродни феномени. Овие приказни секако најмногу биле наменети за да се плашат децата и да не одат на одредени места, но со текот на времето, пренесувани од уво на уво станале урбани легенди.

За секој град, за секоја населба, за секое село во Македонија ќе чуете по некоја мистерија, некоја легенда која се прераскажува со години. Ваше е дали во тоа ќе верувате, иако мислиме дека во 21 век е сосема нелогично некој да поверува во такви работи. Но, секако се интересни за слушање, а богами и за читање.

Дел од македонските мистерии кои кружат по Интернет:

Најчесто се раскажуваат приказни во кои главни улоги се невести. Да, добро прочитавте- невести. Некако делува најфилмски, па ја прави мистеријата уште пострашна. Така според раскажувањата, невести кои излегуваат пред возила, може да се сретнат најчесто по темни патишта, мостови или пруги. Се зборува за некоја невеста која излегувала кај пругите во Волково, па некоја друга на мостот кај Драчево, па во Јурумлери имало невеста што плаче, а она најстрашната „делувала“ кај селото Ротино, Битолско.

Во Битола од година во година, оваа приказна се повеќе се актуелизира, па се повеќе луѓе сведочат дека автомобилите им гаснеле откако ќе се појавела невестата. Претежно таксистите обожуваат да зборуват за вакви сведоштва и средби. Можеби затоа што во период на свадби, немаат можност да возат невести во такси, туку мора да се задоволат со возење на деверушите или евентуално по некоја пивната старосватица.

Има една уште поистрипана легенда, а оди вака: На излезот од Велес има мало црквиче со скулптури. Е таму, да ти имало некоја скриена порта која водела до некаде ( каде, не се наведува). Портата ја чувале, пазете сега- ни помалку, ни повеќе ламји ( не е наведена бројката на ламјите). Можеби таа мистериозна порта води кон Вестерос.

Пред некоја година гледав една емисија на ТВ за феноменот НЛО во Македонија. Каде и колку не посетувале вонземјани. Сведоштвата одеа отприлика вака:

Баба: „Си работа ја на нива, коа нешчо почна да прајт зум зум зум да ми брчит в уши“

Дедо: Седев во дворот, кога се пуљам на небо едни ко најљони летет“

Средновечен маж: Возев кај мотел Починка и кога што да видам едно горе ко дискотека свети“

И толку од блиските средби од трет вид. Па мајку му, никој не си направил муабет со нелуѓево од други од други планети.

Да се префрлиме на магични камења:

Кај селото Брњанци имало некој жолт камен и од таму течела вода. Мештаните веруваат дека некогаш некое слепо девојче плачело кај каменот и така се создала лековитата вода. Од таа вода наводно многу слепи луѓе прогледале и го надминале хендикепот. Бонус- не смеело да се полни од водата во шише. Некој човек што „украл“ вода на враќање од каменот паднал во бездна.

Црниот камен кај ПМФ. Имало некој камен и тоа црн, баш кај ПМФ во тоа шумата и каменот да ми ти исполнувал желби. Да беше толку магичен, досега на ПМФ сите ќе имаа положено со 10-ки, а не да паѓаат ко крушки.

Куќи со духови

Овие приказни се најбројни- во секое маало има по една таква. Памтам кај мене на улица често не плашеа да не одиме во една куќа, затоа што таму духовите ја навеле сопственичката да се самоубие со солна киселина.

Најмногу внимание во јавноста привлече замокот во Црниче, за кој се раскажуваа безброј легенди- како врз сите сопственици биле фрлени клетви, па како сите починале во бизарни несреќи и затоа никој веќе не живеел таму. Куќата во викторијански стил беше срушена во 2012 година и сега таму има зграда и сите си живеат среќни и весели, се уште не се пожалил никој од новите станари на „проколнатата“ локација.

Проколнати куќи, според раскажувачите на мистерии има и во Битола. Таму имало некоја куќа каде што на ѕидот имало крст и колку и да ги бојадисувале ѕидовите крстот пак се појавувал. Во Радишани, пак од некоја таква куќа се слушал плач на бебиња, а од една куќа со духови во Капиштец кај црквата Свети Јован сите сопственици бегале како муви без глави.

За Прилеп, најчесто се раскажува за морничавата куќа со духови, од која што некој такстист и ден денеска има трауми. Една вечер возел ноќна смена и во такси се качиле две жени, кои подоцна го замолиле да им помогне со работите да ги внесат дома. Потоа го поканиле да го почастат кафе затоа што им помогнал, а откако си заминал за кратко се вратил затоа што си ги заборавил клучевите. Ѕвонел на врата, ама никој не отворил. Потоа побарал помош од кај соседите, кои му кажале дека тука никој не живее, а жените биле умрени веќе неколку години.

Охриѓани често раскажуваат дека во Втора Светска војна ги спасил Свети Климент. Авиони на нацистите сакале да го бомбардираат нашиот езерски бисер, па светецот им направил фатаморгана дека Охрид веќе гори и нема потреба да фрлаат бомби. Авионите си заминале, а градот останал недопрен.

Некои жители на Охрид веруваат дека кај Свети Еразмо, навечер поминува самовила, па автомобилите кои ќе и го попречат патот доживуваат сообраќајки. Некои пак велат дека тоа е самиот светец.

За самовили се прераскажува низ цела Македонија, а најчесто во приказните играат оро. Којзнае колку добро го вртат „Елено моме“

Во Свети Николе, дел од жителите тврдат дека виделе гоблини. Можеби многу гледале „Lord of the rings”.

Од поново време ги памтиме приказните за сектата Црна Ружа кои киднапираат деца по гаражи, а и секташите што шетаат со шприцеви во кои има сида и го вбризгуваат на случајни минувачи, или пак најчесто на журки и во дискотеки каде што одат млади.

После сите овие урбани легенди, не би било лошо да се викаме Република Мистериозна Македонија!

 Repriza.mk