Ме нема на училишното табло оти сум со хендикеп: Ана од Кочани со важна порака

ИЗВОРСкопје24
|

Ова табло на светската литература еднаш го објавив, сега пак ќе го објавам, но со поинаков пост.

Во мојата листа на пријатели имам од директори, до служители на училиштата во нашата Македонија, па и пошироко. Исто така имам пријатели родители на деца, па и самите личности кои се соочуваат со некаков вид на хендикеп.

Со овој мој пост знам дека ќе биде некој навреден, а некој воздигнат. Мојата намера е далеку од навредлива, туку поддржувачка и мотивациска кон сите.

Јас како лице со телесен хендикеп, немав можност за истакнување во образовниот процес, ми беше скратено образованието од причина што некои предрасурди и мислења на поединични тврдења, дека не сум била во можност да се вклопам во образованиот систем.

Моите родители, целата моја фамилија дадоа натприродни сили да го продолжам образованието, но за жал не успеале со образложение од образовниот кадар дека било опасно, да не ме турнал некој од учениците.

Бев скратена од матурските таблоа и прослави, натпреварите што ги одржувале во училиштата, истакнувањата на моето знаење само поради една причина – ЈАС СУМ СО ХЕНДИКЕП!

Не, тоа не ме турна кон дното, туку направи да се воздигнам и изградам како човек. Тоа не ме обесхрабри, туку напротив ми даде поголема сила за напредок во мојот живот. За тоа сум вечно благодарна на мојата фамилија. Родителите, братот, сетрата, на кои јас им бев иста како сите, додека во образовниот систем бев поразлична од останатите.

Можеби ме нема во таблото на моето основно училише кое со напори успеале моите родители да ме запишат, ниту во средното образование од кое дадоа напори да не бидам запишана, но ме има во светското табло во светската книжевност и литература.

Сега сфаќате колкав е трудот на една фамилија со член кој има ХЕНДИКЕП?!

Почитувани кадри во образовниот систем, почитувани директори, професори, декани, асистенти на декани, токму вам ви се обраќам: НЕ ПРАВЕТЕ РАЗЛИКА МЕЃУ УЧЕНИЦИТЕ, зошто не знаете каде и колку има знаење.

А вам драги родители на деца со некаков хендикеп, никогаш не се откажувајте од напорите во образованието на вашето дете, во вашето дете има знаење, само му треба поттик во тоа.

Со почит, Ана Дедова!

Извор: Мастило.мк