„Меѓу жедта и заразата“, нов документарен филм на Види Вака (ВИДЕО)

ИЗВОРСкопје24
|

Краткиот документарен филм „Меѓу жедта и заразата“ е првиот од серијата од шест мултимедијални документарни приказни на Види Вака. Филмот е посветен на предизвиците со кои се соочуваат две семејства од кумановско кои немаат пристап до питка вода во време кога светот се соочува со огромна здравствена криза.

Преку лични искуства на граѓани, серијалот ги претставува системските проблеми кои произлегуваат од непостоењето на Закон за антидискриминација кој е од клучно значење за земјава.

Краткиот документарен филм го опфаќа животот на две семејства од кумановско кои во услови на пандемија немаат пристап до вода – едно од основните и универзално загарантирани човекови права.

„Кај да земаме вода, комшијата ако не дава што ќе прајме ние – подобро да ум*еме, не ни треба живот“ – Фадиљ Алимов.

Со проблемот на протагонистите во документарниот филм се соочуваат уште многу граѓани. Тие не се во можност да ги почитуваат препораките за заштита од болеста бидејќи немаат пристап до проточна вода ниту средства да ја набават.

Во документарниот филм се поставува прашањето дали правото на пристап до здрава и чиста вода за пиење може да биде скратено поради нелегализиран имот во кој живеат граѓаните. Здравствената криза само дополнително ја истакна потребата од постоење на квалитетен и спроведлив Закон за заштита и спречување од дискриминација. Откако Уставниот суд го укина новиот закон се создаде правна празнина која маргинализираните групи ги остави целосно надвор од системот.

Автор на филмот е новинарот Сунаи Сабриоски, а директор на фотографија е Крсте Шупев. Продуценти на документарниот филм се Мите Кузевски и Горан Игиќ. Како што велат тимот на Види Вака ќе продолжи и во иднина да ги покрива темите кои ги засегаат ранливите и маргинализираните групи и да поттикнува унапредување на човековите права преку медиумски содржини.