Mерки за подобрување на сметководствената професија

ИЗВОРССК
|

Да се намали даночната стапка на сметководствените услуги, бидејќи во спротивно ќе нема кој да книжи и поднесува завршни сметки е едно од главните барања на Комората на сметкводители кое беше појаснето на денешната прес конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Александра Андреева, член на Управен одбор на Комората на сметководители истакна дека анализирајќи ги реалните состојби на терен, со сите актуелни измени на законските регулативи од аспект на данокот на додадена вредност, потребно е даночната стапка за сметководствени услуги да претрпи измени.

„Комората на сметководители предлага даночната стапка за сметководствени услуги да биде 5%, наместо досегашните 18%. Со зголемувањето на прагот за ДДВ регистрација од 1 милион на 2 милиони денари, многу од правните и физички лица кои не се ДДВ обврзници, а се крајни корисници на нашите услуги го сносат теретот. Ова дополнително ја отежнува и онака тешката ликвидност на микро и малите компании, кои се носители на голем процент од домашниот буџет. Дополнително, имајќи ја предвид и старосната структура на сите регистрирани сметководители и овластени сметководители, државата за 10тина години ќе се соочи со голем проблем од недостиг на сметководители. Согласно моменталната состојба професијата сметководител, е непривлечна за влез на млади кадри, а оваа измена на ДДВ стапката која значи намалување на обврските и полесна наплата на побарувањата, ќе биде стимул повеќе за актуелизирање на оваа професија која е од исклучителна важност за бизнисите и за државата“, истакна Андреева и дополни дека за оваа предлог мерка Комората на сметководители повеќе пати има доставено предлог-измени до ресорното министерство, но досега без успех.

Ѓорѓи Грковски, член на Управен одбор на Комората на сметководители говореше за актуелните проблеми со кои месечно и квартално се соочуваат сметководителите како последица на недоволно оптимизиран електронки систем за интеракција, како и за важноста од постоење на силна кохезија на сите чинители во процесот, за да може целиот даночен систем непречено да функционира.

„Зачестенота на прекините во меѓусебната електронска комуникација со системот е-Даноци ( популарно наречено е-Тах ) со цел за роковното и задолжително доставување на даночни пријави за сите видови обврзници, е во значаен пораст до степен на целосна дисфункција со што е создава голема тензија, несигурност и стресна состојба и е вистинско измачување во обидите да се исполни обврската уредно и навремено. Од една страна постојат рокови кои мора да се почитуваат, додека од друга страна опстојува недоволно безбеден, недоволно сигурен, а во некои периоди целосно недостапен систем. Поради големата фреквентност како причина за застој и прекин на електронскиот систем работиме во викенди, до доцните ноќни и рани утрински часови, се со цел поради навремено исполнување на обврските. Понудените ад-хок решенија за продолжување на роковите не се доволни и кои според праксата се до последен момент неизвесни, создаваат стресни ситуации и револт. Во тој контекст апелираме за изнаоѓање на поново и трајно решение за проблемот со системот. Дополнително, за пример, во услови кога поднесувањето на годишните сметки е започнато на електронскиот систем се уште не е поставен новиот образец за Данок на добивка. Следејќи ги сите измени, институциите на системот очекуваат од нас да ги исполнуваме законските обврски, а притоа самите не обезбедиле услови за нивна имплементација во своите системи“, изјави Грковски и додаде дека за да може целиот даночен систем непречено да функциоира, потребно е, сите чинители во процесот да бидат вклучени.

Дополнително, Комората на сметководители предлага интензивирање на заложбите на сите засегнати страни во изминатиов период, со цел деблокада на работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители, во надлежност на ресорното Министерство за финансии. Продолжување на заложбите во наредниот период е неопходно, бидејќи само со функционален ИСОС сметководствената професија може да го заземе местото кое и припаѓа како најважна алка меѓу државата и стопанството.