Министерот Филипче и Зоран Заев денеска го посетија Иван, на кој му беше трансплантирано срце

ИЗВОРСкопје24
|

Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на СДСМ Зоран Заев утрово беа во посета на пациентот Иван на кого во изминатиот период му беше трансплантирано срце.

Иван е во добра здравствена состојба и тој денеска заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување. На 23 мај оваа година, за првпат во земјава се изведе трансплантација на срце. Операцијата траеше 6 часа. Претседателот Заев му посака добро здравје истакнувајќи дека Иван е храбар човек.

„Ви посакувам добро здравје, вие сте храбар човек и имаме златни луѓе, здравствени работници кои се грижат максимално за нашите пациенти. Вие сте нашата гордост. Имаме вредни и учени здравствени работници. Правиме сѐ да им ги подобриме условите и да ги задржиме нашите лекари во јавното здравство. Нема повредна работа од еден спасен човечки живот“, рече Заев.

„Ова е огромен успех за македонското јавно здравство. Со оваа интервенција испишавме историја во кардиохирургијата. Од срце се заблагодарувам на целото семејство на донорот Емилија Динева за алтруизмот и хуманоста ја ни ја покажаа на дело. Ни покажаа дека човекољубието е над сѐ. Горд сум на целиот медицински тим кој работеше на оваа операција. Покажавме дека знаеме и можеме. Направивме вистински пресврт во здравството. Срцето на Емилија сѐ уште чука, а екипата продолжува да се грижи максимално и понатаму за Иван“, потенцираше Филипче.

Пациентот Иван кој доби орган беше избран од Националната листа за чекање за срце според медицински утврдени критериуми за совпаѓање кои ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.