Мундијал Русија 2018: Сместување за 540 денари во „вселенски“ капсули (ФОТО+ВИДЕО)

loading...

Само 3 дена остануваат до почетокот на СП во Русија, а тамошните угостители се подготвени за реки од луѓе кои ќе ја посетат оваа земја во текот на наредниот месец. Капацитетите за сместување се скоро целосно исполнети, но Русите смислија креативен начин да ги сместат оние фанови кои сакаат да го проследат Мундијалот со помал буџет.

Еден руски бизнисмен реши да направи нискобуџетен хотел во градот Јекатеринбург кој ќе претставува идеално решение за сите посетители на Светското првенство.

Наместо соби, хотелот е исполнет со капсули кои потсетуваат на оние од научно-фантастичните филмови за вселената. Во овие капсули посетителите ќе имаат пристап до телевизија, клима-уред и сеф во кој ќе можат да ги оставаат нивните работи. Многу од гостите го доживуваат хотелот како атракција.

„Никогаш не сум видел нешто вакво. Ова е сосем нов начин на сместување и навистина е интересно да се престојува тука“, вели Олга Гарашенко, една од посетителите на хотелот.

Хотелот има вкупно 12 капсули, а некои од нив се направени за да можат во нив да престојуваат двајца. Една ноќ во капсула без телевизор чини 650 рубљи (540 денари), соба со телевизор чини 750 рубљи (625 денари), додека двокреветните капсули чинат 1.200 рубљи (1.000 денари), што е многу поевтино во однос на сите останати просечни хотели во градот.

Во останатите градови сместувањето е многу поскапо, а се очекува дека врвот на цените ќе биде достигнат веќе од наредната недела, за кога е закажан и почетокот на првенството.