На овој голем празник појдете во црква и земете света вода – еве што потоа да направите со неа

ИЗВОРСкопје24
|

Денеска се празнува Свети маченик Трифун, заштитник на градинарите и на лозарите.

Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана која што не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и на*трада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.

(Именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајанка, Трајко, Трајче…).

Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.

Во скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода, и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.

На иконите св. Трифун е претставен или со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски.

Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред сè со обработката на градините и лозјата.