Почетокот на ски-сезоната привлече голем број скијачи и посетители на Попова Шапка, па поради тоа се создоа колони со возила и за пристигнување и за заминување од скијачкиот центар.
Жител на Тетово сведочи дека дури не ни отишол на Попова Шапка поради тоа што премногу далеку имал можност да го остави возилото.
-Околу 9 часот и 30 минути пристигнав на пет километри до Попова Шапка. Полицијата не дозволуваше да се продолжи поради премногу возила и немање паркинг. Ми рекоа дека може само пеш да се продолжи. Одлучив да се вратам дома во Тетово, бидејќи не сакав да пешачам пет километри со мали деца, дојави жител на градот.
Од полицијата сметаат дека колоните и чекањето за пристигнување и враќање се должат на огромниот број возила и недоволно паркинг места за нив. Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово вели дека во пресрет на официјалното отворање на новата скијачка сезона на Попова Шапка на 22 и 21 јануари полицијата ги презела сите неопходни мерки.
-СВР Тетово целосно го покри регионалниот пат Тетово-Попова Шапка со поголем број полциски службеници и возила. Меѓутоа, неадекватниот капацитет на коловозот за толку голем број возила ( проценка од 8 до 10 илјади), дополнително стеснет од снегот лево и десно, ја намалија сообраќајната проточност на овој потег. Покрај тоа, евидентен беше и недостигот на простор за паркирање, а проблем направија и многу возила оставени на несоодветни места, нестрпливоста на возачите и недисциплинираното однесување на не мал број возачи, поради што се создаваа мешаници и бавен проток на возилата во едната и другата насока, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Изминатава недела повеќе денови имаше врнежи од снег, па имаше доволна снежна покривка од над 50 сантиметри за да се обработаат патеките и да може да се скија. Скијачите имаат прилика да го користат сите четири ски лифтови Поток 1 и Поток 2, Аеродром и ГЕ како и жичарниците Свети Илија, Церипашина и новата шестоседна жичница.