Дали е на повидок решение за дивоградбата кај Мавровка ?

|

Тендерот со наслов – Работни активности за уривање на дивоградби е во износ од повеќе од еден милион денари а го распиша Општина Чаир.

Се работи за тендер за избор на компанија која ќе треба да ја урне дивоградбата која „никна“ на местото од терасата на кафулето „Фонтана“ кај ТЦ Мавровка. Покрај за оваа дивоградба, избраната компанија ќе се користи за уривање и на други дивоградби, појаснуваат од општината.

Со оглед на тоа што сопственикот на објектот „Фонтана“ не го почитува решението за уривање, општината ќе треба тоа да го направи тоа преку избор на компанија на тендер.

За сега никој од надлежните не знае кој е сопственикот на овој објект. МВР работи на обезбедување на сите докази и се преземаат активности за утврдување на идентитетот на вршителот на ова дело. Во текот на постапката, Обвинителството ќе ги издаде сите наредби и барања кои се потребни за обезбедување докази и утврдување на идентитетот на оној што ја изгради дивоградбата.

Доколку непознатиот инвеститор сам го урне објектот кој е дивоградба своеволно и во рокот предвиден од 8 дена, општината нема да има потреба да го поништи тендерот кој е објавен денеска.

Градоначалникот на Општина Чаир – Ганиу изјави дека за ситуацијата, дека со изведувачот на работите се обидел да го стапи во контакт и по неофицијален пат.

„Се обидов да го побарам неофицијално лицето за да дојде, но не дојде. Но јас сум убеден дека и за негово добро и за доброто на општината е сам да го урне објектот бидејќи е дивоградба“, посочи Висар Ганиу.

Во последните 5 дена работите се во прекин, а од петокот почна да тече рокот од 8 дена од општина Чаир со кој се известува сопственикот дека објектот е дивоградба и треба да се урне.

Целата процедура околу утврдувањето на нелегалноста на овој објект започна на 20 јули, кога инспекторите пристигнале на терен, но не успеале да откријат кој е сопственик односно изведувач на работите.