На северот на Мексико се пронајдени 45 вреќи со човечки останки

|

Мексиканските власти пронашле 45 вреќи со човечки останки на северот на земјата и во моментов се обидуваат да утврдат колку тела има таму.

Во вреќите пронајдени во провалија на периферијата на Гвадалахара имало останки и на мажи и на жени, соопшти синоќа државното обвинителство во државата Халиско, пренесува Асошиетед прес.

Пожарникарите и цивилната заштита со помош на хеликоптер работеле на извлекување на остатоците од клисурата, а тоа планираат да продолжат и во наредните денови. Човечките останки биле пронајдени при потрагата по седум млади лица кои биле пријавени за исчезнати минатата недела. Се уште не се знае дали тие се меѓу пронајдените останки.

Националното обвинителство соопшти дека го истражувало местото на откривање откако добиле извештај дека таму се пронајдени делови од тела. Во Мексико се бараат повеќе од 110.000 исчезнати лица, а Халиско, каде се трага по 15.000 лица, е држава со најголем број исчезнати лица. Покрај исчезнатите, има и илјадници неидентификувани останки во мртовечници и гробишта.