Направете ги превкусни: Зимници за кои сите ќе ви бараат рецепт

ИЗВОРСкопје24
|

Искористете ги викендите за подготовка на најомилените додатоци, салати и сосови по овие рецепти. Доколку сте скептични при испробување на нов рецепт, направете помала количина, па споделете го искуството.

Никогаш не знаете каков специјалитет можете да произведете…

Шарен ајвар

Состојки:

12kg пиперки 3kg модар домат 2kg моркови 1,5l масло 250g шеќер 200ml оцет 4 лажици сол 100g сенф Подготовка:

Пиперките и модрите домти испечете ги, излупете и сомелете. Морковите сварете ги и сомелете ги. Сите зеленчуци измешајте ги во голем сад, па додајте го маслото, шеќерот, оцетот и солта.

Варете во длабоко тенџере на умерена температура, со повремено мешање, додека не забележите згуснување на дното на садот.

Тргнете ја смесата од оган и додајте го сенфот.

Чистите и суви тегли ставете ги во рерна, вклучете ги на 100 степени и по 15-20 минути пресипете го топлиот ајвар. Затворете ги теглите, замотајте ги во пешкир и оставете ги да се изладат.

Лутеница

Состојки:

5kg домати 7kg црвени пиперки 1/2kg мали гамби 250g масло 250g oцет 250g шеќер 1-3 главици лук (по желба) Сол Магдонос Подготовка:

Испечете ги излупете пиперките, а потоа отстранете им ги дршките и семките. Доматот изрендајте го и варете го на тивок оган со маслото, оцетот, шеќерот и солта, додека смесата не се намали двојно.

Потоа се додајте ги пиперките, па смесата пржете ја околу 30 минути. 5 минути пред крај додајте го сечканиот лук, магдоносот и малите гамби.

Теглите ставете ги во рерна, вклучете ги на 100 степени и по 15-20 минути ја пресипете лутеницата. Затворете ги теглите, замотајте ги во пешкир и оставете ги да се изладат.

Домати во шише

Состојки:

10kg домати 10 лажици сол 20g мелен бибер 1 парче конзерванс Подготовка:

Сомелете ги доматите во машина, па сокот ставете го во големо тенџере. Варете на силен оган, додајте сол по желба и бибер.

Варете околу 100 минути, а пред крајот додадете го конзервансот.

Кога сокот од домати е готов, тргнете го од оган и топол прелијте го во стаклени шишиња кои ќе ги затворите со метално капаче.

Шишињата превртете ги обратно и оставете ги да отстојат 5 минути. Потоа вратете ги во првобитната положба, ставете ги во кутија и замотајте ги со старо ќебе. Оставете ги да отстојат 12 часа пред да ги сместите во ладилникот.

Пиперки во павлака

Состојки:

1kg пиперки 500g младо сирење 1,5 ml млеко Сол Подготовка:

Исчистете ги пиперките, посолете ги од внатрешна страна, па потоа исцедете ги од сокот кој ќе го пуштат.

Младото сирење издробете го со вилушка и по потреба посолете, па со него наполнете ги пиперките до половина и ставете ги во садот во кој ќе стојат.

Сварете го млекото со 1 лажица сол, па додека е топло, прелијте ги пиперките и добро затворете го садот.

Кога ќе се излади и преноќи, ставете го во ладилник. Уште 3 пати на секои 5 дена истурете ја вишокот течност, па прелијте со ново посолено млеко, околу половина литар, па повторете ја постапката.

По 3 седмици, чинијата ќе биде полна со цврста павлака и пиперки.

Туршија

Состојки:

4kg зеленчук – зелка, краставички, морков, карфиол, пиперка 3l вода 7,5 dl вински или алкохолен оцет 120g сол 150g шеќер ½ кесичка винобран 3-4 листови ловор 1 рен Бибер во зрна Подготовка:

Измијте и исчистете го зеленчукот. Карфиолот одвојте го на поситни делови, ренот излупете го и исечете го на стапчиња. Останатиот зеленчук сечкајте го по желба.

Промешајте ја водата со оцетот, солта и шеќерот додека не се истопат.

Зеленчукот ставете го во тегли, па додајте неколку стапчиња рен, ловоров лист и бибер во зрна. Наполнете ја теглата со течноста и затворете.

Консумирајте по 30-40 дена.